
Македонија се соочува со сериозен демографски пад, откако бројот на новороденчиња за една деценија се намалил за речиси една третина. Според најновите податоци за 2025 година, во државата се родиле околу 15.500 бебиња, додека пред десет години бројката изнесувала околу 23.000.
Лекарите предупредуваат дека ова не е само статистички податок, туку сериозен сигнал за продлабочени демографски, здравствени и социјални проблеми.
Податоците беа презентирани на одбележувањето на „Неделата на женско здравје 2026“, организирана од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО.
Проф. д-р Елена Џикова од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и член на Управниот одбор на МАГО посочи дека државата мора многу повеќе да инвестира во женското репродуктивно здравје и поддршката за семејствата.
„Кога ќе се навратиме една деценија наназад, гледаме дека имаме намалување од околу 30 проценти во бројот на новороденчиња. Тоа не е само бројка, туку сигнал дека мора многу повеќе да се вложува во женското репродуктивно здравје, во поддршка на семејствата и во системска грижа која ќе почне уште од најрана возраст“, изјави Џикова.
Таа нагласи дека едукацијата и превенцијата треба да започнат уште од школска возраст и да продолжат низ целиот репродуктивен период, особено за време на бременоста. Според неа, редовните гинеколошки прегледи овозможуваат навремено откривање на ризиците и подобра контрола на можните компликации.
Од МАГО предупредуваат дека голем број жени и понатаму доаѓаат на прегледи предоцна, најчесто кога симптомите веќе се развиени.
Специјалистот д-р Илир Шурлани од Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир вели дека сериозен проблем претставува недостигот на навика за редовни контроли.
„Имаме случаи каде што жените доаѓаат предоцна не затоа што не чувствувале симптоми, туку затоа што немале навика или храброст навреме да направат преглед. Тоа е најтажниот дел, затоа што многу состојби можеле да бидат откриени многу порано и третирани успешно со едноставни и редовни гинеколошки контроли“, посочи Шурлани.
Претседателот на МАГО, проф. д-р Глигор Тофоски, истакна дека организацијата работи на подигање на свеста за женското здравје преку едукација, превенција и навремено препознавање на ризиците.
Годинава, како што информираше Тофоски, посебен акцент е ставен на синдромот на полицистични јајчници, кој сè повеќе се поврзува со сериозни здравствени последици како дијабетес тип 2, кардиоваскуларни заболувања, покачени масти и проблеми со плодноста.
На настаните во рамки на „Неделата на женско здравје“ ќе се разговара и за значењето на ХПВ-вакцинацијата како клучна превентивна мерка против цервикален карцином.
„ХПВ-вакцината е единствената вакцина која може да спречи појава на цервикален карцином, но и да придонесе кон негово искоренување. За жал, опфатот кај нас е околу 56 до 58 проценти, што е далеку од потребното ниво“, истакна Тофоски.
Лекарите предупредуваат дека падот на наталитетот, доцното јавување на прегледи и недоволната превенција бараат посилен системски одговор. Според нив, потребни се подобра здравствена едукација, редовни превентивни прегледи, поголема поддршка за жените и семејствата, како и полесен пристап до гинеколошка заштита.


