Skip to main content
Македонија

Владата утре ќе расправа за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски

17/02/2025  19:04

Предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски утре ќе биде разгледан на владина седница, по што ќе биде доставен до Советот на јавни обвинители, информираат од Владата на Република Северна Македонија.

Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата, одржана на 11 февруари, подготви мислење за разрешување на државниот јавен обвинител и го достави до Владата за натамошно процесуирање.

Во соопштението од Министерството се наведува дека во изминатиот период Јавното обвинителство било предмет на низа скандали, нарушена функционалност, незаконски постапувања, корупција и неефикасност во кривичното гонење.

„Државниот јавен обвинител постапувал во предмети во кои постоеле околности кои предизвикуваат сомнеж во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои тој требало да знае и да се изземе“, велат од Министерството за правда.

Владата го обвинува Коцевски за незаконски одлуки

Од Владата тврдат дека разочараноста од постапувањето на Коцевски надвор од законските надлежности довела до нарушување на довербата во правниот систем.

„Разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот кој не функционира и секојдневното продолжување со ваквите состојби резултира со нефункционирање на правната држава“, изјави на прес-конференција портпаролката на Владата, Марија Митева.

Како една од причините за разрешување, Владата го посочува и незаконското именување на вршител на должност на Вишото јавно обвинителство на местото на суспендираниот Мустафа Хајрлухаи.

Коцевски ги демантира обвинувањата

Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски ги негира тврдењата дека постапил незаконски.

„Јас го следев законот и роковите во него“, изјави Коцевски, демантирајќи дека именувањето на вршителот на должност било спротивно на законските прописи.