
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека во Буџетот нема предвидено дополнителни средства за ваков вид субвенционирање како што бара синдикатот, но, ако тие придонеси си ги покријат работодавачите тогаш Влада нема ништо против.
„Жалам што ССМ полека но сигурно се претвара во партиски гласноговорник на коалицијата Левица, СДСМ и ДУИ и практично тоа што овие го говорат во Парламент овие го говорат на прес конференции но тие одбрале таков начин да функционираат. Така мислат сега они од Буџетот ќе дадеме за да нема за улици, да нема за градинки, за училишта, за канализации. Дополнителните придонеси кои би ги плаќала владата не се предвидени во Буџетот“, рече премиерот.
Засега се уште нема најава кога ќе се одржи следната седница на социјално економскиот совет, но во меѓувреме владата следната недела треба да ја формира комисијата која ќе утврди репрезентативност на синдикатот за да може на Економско социјалниот совет да се донесе мислење за минималецеот и други теми. Инаку, првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов, пред два дена рече дека предлогот за државно субвенционирање на разликата од висината на моменталната минимална плата до 500 евра, вклучително и раст на останатите плати во приватниот сектор по истиот принцип, освен до Владата е доставен и до работодавачите и пратениците, и доколку било кој го отфрли еднострано, тогаш тие се подготвени да донесат и одлука за штрајк.
„Ако некој одлучи еднострано да ја отфрли иницијативата или предлогот за зачувување на животниот стандард на работниците, се разбира еднострано можеме да донесеме и одлука за штрајк.“, посочи Трендафилов
Од организацијата на работодавачи досега неколку пати посочија дека за нив предлогот на ССМ е прифатлив, но ставот на Владата е јасен. Доколку работниците и работодавачите не се договорат во рамки на ЕСС за повисок минималец, согласно закон тој се усогласува еднаш годишно во март и треба се утврдува како збир од 50 % од порастот на трошоците на живот за 2024 година и 50 % од порастот на просечно исплатената НЕТО плата од минатата година. Според пресметките тој би изнесувал околу 24400 денари.