
Слем-поетестата Валерија Дамчевска е победничка на годинешното издание на „Поетски слем Македонија“ – 2026, кое од 8 до 11 октомври по 16. пат се одржува во Прилеп.
За гласовите беше задолжена петчлена жири-комисија, а второто место го освои Стефанија Граовац, додека третото место му припадна на Матеј Петров.
Дамчевска доби подарок часовник од брендот „11и11“, а следната година ќе биде иден претставник на Македонија на Европското слем-првенство.
На годинешниот слем, се претставија десетина учесници од различни градови од земјава, кои настапија со свои поетски и прозни дела.
Неколкудневниот фестивал се отвори со изложба на ДЛУМ-Битола во НУЦК „Марко Цепенков“.
Следните два дена, покрај поетските читања, се одржаа и промоции на неколку книги поезија од авторите Елена Пренџова, Сузана Мицевска, Марија Грубор, Ненад Јолдески и Пијан Славеј (Бранислав Николов), кој заедно со „Хот џез оркестра“ синоќа одржаа врвен поетски концерт во киното „Мис Стон“.
Фестивалот годинава пулсираше во африкански ритам, а за тоа продонесоа специјалните гостинки од Мозамбик – Африка, Елијане Бутелане и Наташа Сокре.
Денес е последниот фестивалски ден, а учесниците имаа можност да присуствуваат на поетско читање на манастирот Трескавец.
Фестивалот ќе заврши вечерва со поетско читање посветено на Тихомир Јанчовски, настан што ќе се одржи во вилата „Ана Плетварска“ со почеток во 19:30 часот.
„Поетски слем Македонија“ досега има испратено 11 национални претставнички и претставници на Европското слем-првенство, како и двајца претставници на Светското слем-првенство.
Дизајнотот на плакатот е на уметникот Владимир Лукаш.
Литературната манифестација е во организација на Театарска работилница – Прилеп.



