Skip to main content
Балкан

Тројно убиство ноќеска во Подгорица

21/04/2026  14:52

Тројно убиство кое се случило во подгоричката населба Стар аеродром ја вознемири црногорската јавност- полицијата објави дека се пронајдени три безживотни тела – тројца возрасни мажи.

„Вијести“ од полицијата дознава дека меѓу убиените се браќата од Рожаје, Денис Хот (28) и Незрин Хот (27).

Злосторството не е поврзано со пресметка меѓу криминални групи.

Полицијата трага по Вехид Муриќ од Рожаје, кој е осомничен за тројно убиство, а се верува дека злосторството во изнајмен стан е извршено во текот на ноќта.

Осомничениот Рожајац, како што верува полицијата, убил тројца пријатели, со кои бил во Подгорица каде работел на градилиште, по што избегал.

„Се сомнева дека на ова кривично дело му претходеле лични расправии меѓу лицата лишени од живот и осомничениот. Сите лица се по потекло од Рожаје“, соопшти полицијата.

Според прелиминарните информации, се вели во соопштението, злосторството најверојатно е извршено со употреба на ладно оружје.

Се верува дека осомничениот Рожајац синоќа по злосторството отишол во својот роден град, каде што извршил и насилство врз својата мајка во семејниот дом.

Семејството го пријавило случајот во полиција, а потоа злосторството било откриено во Подгорица.