Skip to main content
Македонија

Трендафилов: 12 часот, како што му ветив, јас на координација кај Бране, а Бране го немаше!

11/03/2025  15:05

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска објави фотографија од пред Собранието, истакнувајќи дека отишол на најавената координација со пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, но тој не се појавил.

„12 часот, како што му ветив, јас на координација кај Бране, а Бране го немаше“, напиша Трендафилов на својот фејсбук-профил.

Трендафилов вчера, на прес-конференција во ССМ, најави дека ќе се сретне со Петрушевски, кој претходно ги критикуваше синдикалните барања како нереални и политички мотивирани. Синдикалниот лидер јавно го повика пратеникот да ја зголеми минималната плата на 550 евра, најавувајќи поддршка ако тоа биде негов предлог.

„Ако не најдеме заеднички јазик, на 2 и 7 април работниците повторно ќе излезат на улица“, предупреди Трендафилов.

ССМ бара минималната плата да се зголеми за 6.000 денари и повика Владата да се откаже од придонесите за да го олесни товарот врз работодавачите. Трендафилов порача дека нема да дозволи работничките права да бидат жртва на политички игри.