
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека сè уште чека од Русија информација за дијагнозата на починатата жена, за која има сомнежи дека била заразена со белодробна чума.
СЗО пред три дена соопшти дека во оваа фаза не е во состојба да изврши целосна проценка на ризиците поради недостиг на целосна слика за ситуацијата по смртта на вработена во биолошки институт во Сибир.
Еден ден подоцна, руските власти објавија дека не откриле „никаква инфективна болест“ по испитувањето на сите луѓе кои во последно време биле во контакт со починатата лаборантка во Иркутскиот институт за истражување на чума, и ги демантираа медиумските информации за случајот како лажни.
Според нив, жената починала од „пневмонија“, од која се разболела по контакт со луѓе, односно надвор од лабораторијата. Според нивните информации, таа „била вакцинирана и имала имунитет против опасните патогени со кои работела“.
СЗО вчера сепак констатираше дека сè уште нема „потврдена дијагноза“ и забележа дека околу случајот сè уште има „голема нејаснотија“.

Здравствената агенција на ОН, со седиште во Женева, додаде дека ќе продолжи „да ја следи ситуацијата и да ги проценува потенцијалните последици по јавното здравје со пристигнувањето на нови информации“.


