Skip to main content
Балкан

Студенти и граѓани денеска ги блокираат трите мостови во Нови Сад

01/02/2025  12:21

Три месеци по загинувањето на 15 лица пред железничката станица во Нови Сад денеска во овој град ќе бидат одбележани со голем граѓански собир и блокада на три новосадски моста организирани од студенти.

На денешниот собир му претходеше пристигнувањето на голем број студенти од Белград кои пеш дојдоа во Нови Сад, каде со своите колеги и граѓани ќе им оддадат почит на жртвите.

И голем број граѓани на велосипеди дојдоа од Белград во главниот град на Војводина.

Нив синоќа ги пречекаа илјадници студенти и жители на Нови Сад, а на факултетите им беше овозможено импровизирано сместување, храна и логистичка поддршка.

Пристигнувањето и пречекот на демонстрантите во Нови Сада не беше проследен со сериозни инциденти, а поворките и собирот беа обезбедени од полицијата.

Од ноември минатата година досега стотици илјади луѓе излегоа на протести низ земјата, поттикнати од смртта на 15 лица при пад на настрешница, а студентите блокираа повеќе од 60 факултети, барајќи одговорност од властите, почитување за Уставот, законот, искоренување на корупцијата и зајакнување и независност на институциите без политичко влијание.