Skip to main content
Македонија

Стојаноска ја нападна ВРЕДИ: Наместо да се разликува од ДУИ, одигра во нејзина корист

01/11/2026  20:32

Пратеничката и членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, ја обвини коалицијата Вреди дека во вториот круг од локалните избори во Брвеница застанала зад кандидатот на НАИ и со тоа одиграла во корист на ДУИ.

Во гостување во централниот дневник на Сител, во живо од Брвеница, Стојаноска рече дека Вреди ја пропуштила можноста да покаже политичка разлика од ДУИ.

„Жалиме што Вреди не ја искористи оваа прилика да покаже дека се поразлични од ДУИ. Мислам дека ја одиграа улогата на тројански коњ и одиграа за ДУИ, односно ги раштркаа гласовите од гласачкиот базен“, изјави Стојаноска, упатувајќи критики и кон СДСМ и Левица.

Таа посочи дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ го поддржале својот кандидат Стојанчо Радичевски, додека Вреди во првиот круг настапила со сопствен кандидат, а во вториот одлучила да го поддржи кандидатот на НАИ. Според неа, резултатите од првиот круг покажале дека Вреди нема големо политичко влијание во општината.

И покрај критиките кон владиниот партнер, Стојаноска оцени дека изборите во Брвеница нема да бидат тест за опстанокот на владината коалиција. Како мерило за нејзината успешност ја посочи реализацијата на владината програма, која, според неа, засега се одвива според планираното.

Осврнувајќи се на опозицијата, Стојаноска оцени дека СДСМ по локалните избори станала „маргинална партија“, припишувајќи ја одговорноста на раководството предводено од Венко Филипче.

Таа изнесе и тврдење дека приврзаниците на Филипче би се радувале на победа на ДУИ, опишувајќи ги двете партии како „две различни страни од една иста паричка“.