Skip to main content
Македонија

Сиљановска-Давкова: Пензионирањето не е крај на активниот живот, туку нова можност за мудроста и искуството

02/09/2026  13:56

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Охрид се обрати на отворањето на 30. Републички пензионерски спортски натпревари 2026, посветени на 80-годишнината од пензионерското организирање во Македонија и на 20 Септември – Денот на пензионерите на Македонија.

„Логично е да бидам меѓу вас, бидејќи и јас сум една од вас”, порача претседателката, истакнувајќи дека пензионирањето не е крај на активниот живот, туку почеток на нов животен циклус во којшто мудроста, знаењето и искуството доаѓаат до особен израз. 

За неа, спортот не е само физичка, туку и ментална вежба којашто го подобрува здравјето, го поттикнува дружењето и не учи да продолжиме да им се радуваме на успесите, но и полесно да се справуваме со неуспесите.

Говорејќи за правата на пензионерите, Сиљановска-Давкова истакна дека тие треба да бидат вклучени во креирањето на политиките, а особено во носењето на законите и одлуките што се однесуваат на нив.

Претседателката посочи на примерот на Јапонците, познати како најдолговечен народ, укажувајќи дека една од најважните причини за тоа е вербата во филозофијата на „икигаи”, според која, секогаш постои причина за нашето постоење и цели што треба да ги оствариме.

На учесниците им посака фер-плеј, витешка борба и успех, како и уште многу вакви натпревари во иднина.

На отворањето се обратија и претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Станка Трајкова, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, претседателката на Здружението на друштва на пензионери на Словенија, Зденка Јан и претставникот на Министерството за спорт, Илија Ристески.

На натпреварите е предвидено учество на 312 натпреварувачи од 41 здружение, членки на сојузот.