
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи постапи по пријава од новинарот и водител на подкастот „Претрес“, Кристијан Ландов, за упатени закани преку социјалната мрежа „Facebook“.
Имено, на 19.11.2026 година, под објава на Facebook-страницата „Pretres.mk“, поврзана со емисијата „Претрес со Ландов“, бил објавен заканувачки коментар кој пријавителот го разбрал како закана по неговата физичка безбедност и обид за заплашување поради неговата професионална работа.
Постапувајќи по пријавата, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика веднаш презеде мерки и активности за обезбедување релевантни докази и утврдување на идентитетот на лицето кое го објавило коментарот. Притоа, утврдено е дека станува збор за И.М. (38) од Кичево.
Во координација со СВР Охрид, преку Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево, лицето е повикано на информативен разговор, кој е спроведен на 23.11.2026 година. Во текот на разговорот, лицето потврдило дека е корисник на профилот од кој бил објавен заканувачкиот коментар.
За случајот е известено Основното јавно обвинителство Скопје, а во тек се активности за прибавување и обезбедување дополнителни електронски докази потребни за постапката, по што до надлежното обвинителство ќе биде доставен соодветен поднесок.
Министерството за внатрешни работи посветува особено внимание на пријавите за закани и заплашувања кон новинари и медиумски работници. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика ваквите пријави ги третира како приоритетни, имајќи ја предвид важноста на слободата на изразување, независноста на новинарската работа и безбедноста на новинарите и медиумските работници во дигиталниот простор.


