Skip to main content
Свет

„Шпигел“ открива нови детали: Дронот од Лајпциг со идентични компоненти како запленетите во Србија

03/09/2026  18:59

Германската полиција проверува можна врска меѓу случајот со дрон наполнет со експлозиви на аеродромот Лајпциг/Хале и двајца мажи кои беа уапсени во Србија во јуни, објави германскиот неделник „Шпигел“, повикувајќи се на извори од безбедносните служби.

На 11 јуни српската полиција во близина на границата со Унгарија уапси двајца мажи – српски државјанин и лице со двојно српско и руско државјанство. При претресот биле пронајдени компоненти за модифициран дрон, предавател за далечинско управување и два контејнери со експлозив. Двајцата се наоѓаат во притвор, а германските власти проверуваат дали имаат информации поврзани со обидот за напад во Лајпциг.

Според „Шпигел“, компонентите пронајдени кај двајцата уапсени во Србија покажуваат сличности со дронот употребен во инцидентот кај Лајпциг. Сличности се утврдени и во начинот на кој бил складиран експлозивот.

На 4 август навечер на пистата на аеродромот во Лајпциг бил пронајден дрон со експлозив во близина на украински товарни авиони. Аеродромот е еден од клучните логистички центри за испорака на воена помош за Украина. Германската Федерална криминалистичка полиција идентификувала двајца осомничени во врска со случајот врз основа на форензички податоци и разузнавачки информации, а според „Шпигел“, еден од нив е поврзан и со подметнување пожар во полскиот град Лоѓ во 2024 година.

Истата ноќ кога бил извршен обидот за напад во Лајпциг, товарен авион се судрил со друг дрон кој носел воен експлозив, но успеал безбедно да слета. Околу десет дена подоцна во близина на аеродромот бил пронајден и трет дрон. Случајот го истражуваат и италијанските власти поради италијанската туристичка виза што ја користел еден од осомничените за влез во Шенген-зоната.

Германската Влада оваа недела ја обвини Русија за обидот за напад со дрон на аеродромот Лајпциг/Хале. Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт изјави дека обидот за напад се вклопува во познатата шема на „руски хибридни операции“.

– Германската влада дојде до заклучок дека Русија е одговорна за хибридниот напад во Лајпциг на 4 август – изјави Добринт.