Skip to main content
Македонија

СДСМ: Лицемерие, ВМРО-ДПМНЕ става камен-темелник на проект за кој велеа дека е „историски кримнал”

03/05/2025  14:44

Соопштение за јавност на СДСМ:

MK Summit

Денешното ставање камен-темелник на делницата Тетово – Гостивар од Коридорот 8 уште еднаш ја разоткрива целата хипокризија, дволичност и лицемерие на ВМРО-ДПМНЕ.

Токму проектот со „Бехтел и Енка” што тие со месеци го оцрнуваа, го блокираа и го нарекуваа „историски криминал”, денес со гордост го промовираат.

Ако е „историски криминал” дали тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ влегува во криминал?

Едно е јасно, лицемерието на ДПМНЕ нема граници, но сепак добро е што продолжува реализацијата на стратешки проект на СДСМ.

Подготвителните работи, вклучително геомеханички истражувања, проектирањето, усвојување на инфраструктурниот проект и обезбедување финансиски план за оваа делница од 17 километри, беа започнати токму во времето на претходната влада на СДСМ.

Делницата е дел од вкупно 110 километри што ги опфаќа стратешкиот договор со Бехтел и Енка за кој ВМРО-ДПМНЕ велеше дека е криминален.

Од пат со широчина од 17 метри, СДСМ ја предвиде и почна реализацијата на модерна автопатска делница широка 27 метри – вистински инфраструктурен напредок.

СДСМ инвестираше, градеше, ВМРО-ДПМНЕ кочеше. Но вистината секогаш излегува на виделина.

После 10 месеци владата на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту еден свој инфраструктурен проект, единствено што прави е да ги доврши проектите на СДСМ.