Skip to main content
Скопје

Ѓорѓиевски: Наследивме долг од речиси 300 милиони евра, денес Град Скопје нема сопствени долгови

15/09/2026  20:27

Речиси една година по преземањето на функцијата градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски во интервју за 4ТВ направи пресек на досегашното работење, говорејќи за состојбата што ја затекнал, финансиската стабилизација на градот, како и за инфраструктурните и еколошките проекти што се реализираат во главниот град.

Според Ѓорѓиевски, почетокот на неговиот мандат бил обележан со сериозна финансиска и оперативна криза, која не го зафатила само Град Скопје, туку и градските јавни претпријатија.

Тој истакна дека при преземањето на функцијата бил затекнат вкупен долг од речиси 300 милиони евра, вработени во дел од јавните претпријатија со месеци чекале плата, додека незадоволството кај приватните превозници дополнително ја усложнувало состојбата со јавниот превоз.

Ѓорѓиевски тврди дека со поинаков пристап и домаќинско работење финансиската состојба значително се променила. Според него, Град Скопје во моментов ги има расчистено сопствените долгови, додека кумулативниот долг на јавните претпријатија е намален на околу 60 милиони евра.

Градоначалникот се осврна и на повеќе инфраструктурни проекти кои со години биле закочени. Станува збор за булевари, клучка и мостови, за кои вели дека сега се во „фото-финиш“. Нивното целосно пуштање во употреба, според најавите, треба да следува во период од неколку недели до неколку месеци.

Посебен акцент во интервјуто беше ставен на еколошките проекти. Ѓорѓиевски посочи дека процесот на гаснење на депонијата „Вардариште“ е завршен, а следната фаза предвидува деконтаминација на просторот. Планот е на оваа локација да биде изграден нов парк на површина од околу 200.000 квадратни метри.

Паралелно, според него, завршни активности за нови зелени површини се одвиваат и на други локации во Скопје, меѓу кои Бутел и Карпош.

Во интервјуто Ѓорѓиевски одговори и на обвинувањата од опозицијата поврзани со тврдењето за заштеда од околу половина милион евра за гориво во ЈСП Скопје. Тој ги отфрли обвинувањата за манипулација со бројките и посочи дека пресметките се темелат на официјални статистички податоци.

По речиси една година од мандатот, Ѓорѓиевски оценува дека Скопје сè уште има бројни проблеми што треба да се решаваат, но смета дека е постигната финансиска стабилизација и се поставени темели за подобро функционирање на Градот и јавните претпријатија.