
Осум месеци по операцијата на американските сили во Венецуела и апсењето на Николас Мадуро, во јавноста се објавени првите фотографии на кои тој е прикажан во затворот во Њујорк.
Фотографиите беа објавени на официјалниот профил на Мадуро на социјалната мрежа X. На нив поранешниот венецуелски претседател е облечен во сива спортска облека, насмеан позира пред камерата и го покажува знакот „V“ со прстите.
Со фотографиите беше објавена и порака наменета за неговото семејство и поддржувачите.
„Мал подарок од љубов и надеж. Ги испраќам овие фотографии како мал подарок до сите мои внуци, момчиња и девојчиња, и до сите благородни луѓе кои нè сакаат“, се наведува во пораката.
Мадуро им се заблагодари и на сите кои во изминатите месеци му испраќале пораки и изразувале поддршка.
„Сакам да знаете дека стоиме цврсто, срцата ни се исполнети со вашата љубов – таа љубов што нè допира трансформирана во молитва, во континуирано дејствување, во солидарност и вистинска поддршка. Ви благодарам бескрајно за секој збор, секој гест и секој благослов“, порача Мадуро.
Иако фотографиите беа објавени денеска, временската ознака на нив покажува дека се направени на 25 јуни годинава.
Мадуро се наоѓа во Метрополитен детеншн центарот во Бруклин, Њујорк, каде што е притворен заедно со неговата сопруга Силија Флорес.
Тој беше уапсен на 3 јануари 2026 година за време на американска воена операција во Каракас, по што беше пренесен во Соединетите Американски Држави.
Во САД против него се води постапка по обвиненија поврзани со наркотероризам, увоз на кокаин и оружје. Мадуро ги отфрла обвиненијата и се изјасни за невин. Неговото судење е предвидено да започне во јуни 2027 година.


