
Точно напладне професионалните возачи од Македонија го започнаа предупредувачкиот протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, организиран од транспортната асоцијација „Макам-транс“.
Превозниците со камиони и транспаренти го изразија револтот поради правилото за престој во Шенген-зоната, според кое државјаните од трети земји можат да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена. Тие бараат професионалните возачи да бидат третирани поинаку од туристите, бидејќи нивниот престој во земјите од ЕУ е директно поврзан со работата.
„На пат сме по работа, не за одмор“, „Броиме денови, наместо километри“ и „Европски вредности или европски казни“ беа дел од пораките испишани на транспарентите на протестот.
Професионалниот возач Димитар Стојановски вели дека сегашниот начин на пресметување на престојот ги доведува возачите во ситуација да не можат нормално да ја извршуваат својата работа.
„Бараме да не ни ги бројат деновите како да сме туристи, туку како возачи. Треба да ни ги бројат часовите. Ако на граница влезам во 15 часот, тоа ми го сметаат како цел ден. Со денови стоиме на граници и нè малтретираат. Колега е задржан четири часа во притвор, како криминалец го држат бидејќи пречекорил десетина дена“, изјави Стојановски.
Превозниците предупредуваат дека проблемот веќе почнува да се одразува врз транспортниот сектор, бидејќи дел од професионалните возачи одбиваат да прифатат тури кон земјите од Шенген поради страв дека ќе го надминат дозволениот престој и ќе добијат забрана за влез.
Според учесниците на протестот, евентуалното дополнително ограничување на нивната работа може да има сериозни последици не само за транспортните компании, туку и за снабдувањето со основни производи.
„Ако не сме ние, ќе снема храна и опрема. Бараат да одиме со термини, а ним им треба робата. Ако не сме ние, ќе снема храна, нафта и лекови“, порачаа превозниците.
Сенат Идризи, сопственик на транспортната фирма „Нескомерц“ од Тетово, смета дека доколку не се најде решение, треба да се оди и кон блокади на граничните премини.
„Овојпат ќе одиме до крај, до конечно решение, оти минатиот пат немаше“, изјави Идризи.
Тој посочи дека состојбата станува сè посериозна бидејќи возачите одбиваат меѓународни тури поради страв од санкции и забрана за влез во земјите од Шенген-зоната.
Денешниот протест е предупредувачки и се одржува пред состанокот на Работната група во Брисел, од кој превозниците очекуваат конкретно решение за статусот на професионалните возачи по воведувањето на системот за влез и излез – ЕЕС (Entry/Exit System).
Според правилата за краткорочен престој, државјаните на трети земји можат да престојуваат во Шенген-зоната најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена. Превозниците бараат при примената на овие правила да се земе предвид специфичната природа на нивната професија и фактот дека тие не патуваат туристички, туку ја извршуваат својата работа.
Од „Макам-транс“ посочуваат дека во изминатите седум месеци не е постигнато решение за проблемот, иако професионалните возачи се препознаени како категорија која врши професионална дејност.
Протестите не се ограничени само на Македонија. Во истиот период, од 12 до 14 часот, двочасовни протести се најавени и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, со што превозниците од регионот испраќаат заедничка порака до европските институции.

