
Бугарски портали објавија текстови во кои се анализира откривањето на споменикот од страна на премиерот Христијан Мицкоски во албанското село Туминец, оценувајќи дека станува збор за потег кој може да предизвика нови тензии во регионот.
Според објавите, на споменикот посветен на македонски херои од регионот може да се забележи Сонцето од Вергина — симбол кој Грција го смета за дел од хеленистичкото културно наследство и кој беше предмет на договорите меѓу Скопје и Атина.
Бугарските медиуми наведуваат дека поставувањето на ваков симбол може да се толкува како прекршување на Преспанскиот договор од 2018 година, со кој тогашната Република Македонија се обврза да се откаже од претензиите поврзани со античкото хеленистичко наследство.
Во текстовите се нагласува и дека споменикот е поставен на територија на Албанија, држава која во моментов има значителен напредок на патот кон Европската Унија, што дополнително ја отвора дебатата за можните дипломатски последици.
Бугарските портали потсетуваат и на случајот со Фреди Белери, кој предизвика сериозни тензии меѓу Албанија и Грција, оценувајќи дека новиот потег може повторно да ги актуелизира чувствителните прашања во односите меѓу двете земји.
Во анализите се споменува и фактот дека Мицкоски во своите јавни објави повторно го користел терминот „Македонија“, без употреба на уставното име „Република Северна Македонија“.
Дел од бугарските медиуми го поврзуваат овој потег и со актуелните геополитички пораки во регионот, потсетувајќи на неодамнешното интервју на рускиот амбасадор во земјава за можни алтернативи на Европската Унија, меѓу кои беше споменат и БРИКС.

