Skip to main content
Македонија

Посебен режим на сообраќај и во Охрид поради посетата на претседателката на Индија

20/07/2026  17:46

По повод престојната посета на претседателката на Индија на Охрид, Секторот за внатрешни работи Охрид ги известува граѓаните на Охрид дека од денеска до 22 јули 2026 година кога индиската претседателка ќе престојува во Охрид, ќе се преземаат засилени безбедносни мерки и посебен режим на сообраќај.

Активностите се насочени кон физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците и други објекти за што се веќе остварени контакти со службите од локалната самоуправа како и со сите правни субјекти одговорни за одржување на патиштата и улиците во градот, со Фондот за комунални дејности, сообраќај и улици при општина Охрид, со Јавните претпријатија како и со други релевантни субјекти.

Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, од денеска интензивно презема мерки за сообраќајно обезбедување, контрола и регулирање на сообраќајот, пред сѐ по булеварот „Туристичка”, но и по другите патишта и сообраќајници каде не е дозволено запирање или паркирање на моторни возила. Воедно, сообраќајното обезбедување ги опфаќа и останатите магистрални, регионални и локални патишта од Охрид кон Св. Наум, како и заштитниот појас на патиштата заедно со улиците во населените места и паркиралиштата во централното градско подрачје и во стариот дел на градот.

СВР Охрид апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците со цел безбедност на сите учесници во сообраќајот, имајќи ги предвид безбедносните мерки што се реализираат во врска со оваа значајна посета на индиската претседателка а своите моторни возила да ги користат во исклучителни случаеви или да користат алтернативни превозни средства.