
Како адвокат и судија, сè уште сакам да бидам сигурна дека тоа е вистина, изјави добитничката на Нобеловата награда за мир, Нави Пилај откако и беше соопштена одлуката на Нобеловиот комитет.

Таа присуствува на состанок на високо ниво за меѓународно право во Нирнберг, а присутните ја поздравија Пилај со аплауз.
– Ако аплаудирате малку погласно, можеби ќе ја споделам наградата со Трамп, истакна Пилај, алудирајќи на минатогодишната добитничка на Нобеловата награда за мир Марија Корина Мачадо, која симболично му ја отстапи наградата на американскиот претседател.
Таа посочи дека последно нешто што направила е презентирање на извештајот за Газа, во кој „тоа што се случува таму го дефинирам како геноцид“.
Наванетем Нави Пилај родена e на 23 септември 1941 година во Дурбан, Јужна Африка. Таа е петто од осум деца на индиско семејство со тамилско потекло. Пилај дипломирала на Универзитетот во Натал во Јужна Африка и во 60-тите години на минатиот век работи како адвокат, а во 70-тите го застапуваше активистот против апартхејдот Нелсон Мандела.
Во 1988 година Пилај докторира право на Харвард, а седум години подоцна беше именувана за судија во Високиот суд на Јужна Африка.
Таа ја продолжила својата кариера како судија и претседател на Меѓународниот кривичен трибунал за Руанда, а од 2008 до 2014 година беше висок комесар на ОН за човекови права.
Од 2021 до 2025 година, Пилај претседаваше со Независната меѓународна комисија на ОН за истрага на окупираните палестински територии и била судија во случајот на Меѓународниот суд на правдата во кој Мјанмар е обвинет за геноцид.
Претседателот на норвешкиот Нобелов комитет, Јерген Ватне Фриднес изјави дека Пилај е наградена за нејзините напори за промовирање на мирот и меѓународното право.
Во време кога бројот на војни и конфликти се зголемува, а судиите и институциите на меѓународното право се под политички напад, Нобеловиот комитет сака да потсети дека можноста за решавање на конфликти без употреба на сила или насилство зависи од почитувањето на меѓународното право. Предуслов за мирен свет е меѓународен правен систем во кој воените злосторници се сметаат за одговорни, а жртвите на злоупотреби добиваат правда, се наведува во соопштението на Нобеловиот комитетот.
Нобеловата награда за мир често се смета за најпрестижна награда во светот. Норвешкиот Нобелов комитет во Осло доби номинации за 287 кандидати за овогодишната награда, од кои нешто повеќе од една четвртина беа организации.
Наградниот фонд оваа година изнесува 12 милиони шведски круни, или околу 1,2 милиони долари, без оглед на тоа дали добитникот е поединец, помала група лауреати или организација.
Оваа година се одбележува 125-годишнината од Нобеловата награда за мир, која е доделена на вкупно 112 поединци и 28 различни институции од нејзиното основање во 1901 година.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст ја освои наградата три пати, а Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци двапати.
Наградата не е доделена во 19 наврати, главно за време на светските војни. Во 1948 година, кога беше убиен Махатма Ганди, наградата не беше доделена. Ганди беше номиниран 12 пати, но никогаш не ја доби.


