Skip to main content
Економија

Од бакарот во Иловица до антимонот кај Крива Паланка: каде е Македонија во трката за критични минерали?

25/08/2026  12:13

Критичните минерали стануваат еден од стратешките приоритети на светската економија, а Македонија во оваа трка засега има ограничено присуство. Експертите сметаат дека земјата треба навреме да се позиционира и да ги искористи потенцијалите со кои располага.

Во земјава функционираат четири рудници за метални суровини, но само „Бучим-Боров дол“ во моментов експлоатира критичен и стратешки минерал – бакар.

Кога станува збор за нови инвестиции, единствениот актуелен проект е „Иловица-Штука“. Инвеститорот најавува почетна инвестиција од повеќе од 340 милиони евра во првите две години, а проектот е предвидено да има значително влијание врз економската активност и растот на БДП.

Според најавите, просечниот годишен приход би изнесувал најмалку 180 милиони евра, што би можело да ја позиционира компанијата меѓу најголемите извозници во земјата.

Од друга страна, Македонија има само едно активно геолошко истражување за критичен минерал – испитувањето на потенцијалите за антимон во близина на Крива Паланка.

Така, додека критичните минерали добиваат сè поголемо стратешко значење, домашниот сектор останува со еден активен проект за нов рудник и едно активно истражување, што го отвора прашањето дали Македонија доволно брзо го искористува својот минерален потенцијал.

„Повеќе децении, со исклучок на „Боров дол“, нема отворен рудник и гледате дека со години има спротивставување воопшто на отворањето, а кај нас е дури дојдено и за воопшто да не се истражува во државата. Светот денес масовно, па и европските земји, тежнеат кон истражување на природните богатства и Македонија мора да го следи тој пат. Сите заеднички ќе бидеме виновници ако времето не го искористиме и ако во таа општа трка за минерали, а тие се тие коишто носат развој на секој сектор и на индустријата, буквално ќе ја доведеме државата во ситуација да стагнира и да не го фати патот и приклучокот кон се она што е тренд во Европа и во светот“, изјави универзитетската професорка и претседателка на Македонското геолошко друштво, Соња Лепиткова.

Во меѓувреме, соседните Грција и Бугарија активно користат европски средства за инвестиции во рударството и преработувачки капацитетите преку Директивата за критични минерали на ЕУ. Сепак, не изостануваат ниту останатите држави од регионот.

„Во однос на отворањето на нови капацитети, Србија по тој пат чекори исклучително забрзано, Босна го следи тој пат, Албанија секако… Црна Гора како една многу мала земја со ресурсите што ги има, исто така истражува и отвора капацитети. Македонија едноставно мора да го следи тој пат и ние мора да најдеме заеднички јазик, да се разбереме и да сфатиме што е во функција на развој на државата“, додаде Лепиткова за ТВ Сител.

Претходно и универзитетскиот професор и претседател на Здружението на металурзи, Горан Начевски, коментирајќи ја состојбата на глобално ниво, појасни дека критичните минерали се оние за кои има најголема побарувачка, а тоа се најчесто минералите кои се користат за складирање и добивање на електрична енергија, понатаму за производство на електрични возила, но и во користењето на компјутерите за дигитализација. Тој истакна дека најчесто тоа се металните минерали, како бакарот, кадиумот, никелот, кои се користат за производство на батерии. Според него, Македонија во моментов е во статус-кво состојба – што значи дека имаме потенцијал, но е неискористен.

„Направени се минералните испитувања, докажано е дека постојат, но досега не ги искористуваме и всушност ова се нашите „пет минути“, коишто можат да поминат, а ние така да останеме, зашто овие критични минерали во моментов се потребни. Кога за неколку децении ќе се заситат, тие метали коишто се
сега во моментот критични, можеби нема веќе да бидат критични“, оцени Начевски.

Според него, дел од државите што ги поседуваат овие минерали, си ги преработуваат и ги користат за сопствено производство, па оттаму и се споменува терминот „нова геополитика на минерали“.