
Вознемирувачко видео од македонските планини повторно го отвори прашањето што се случува во Националниот парк „Маврово“. На снимката се гледаат странски државјани како ловат дивокози, а по отстрелот од едно од животните собираат крв и ја пијат.

За видеото денеска алармираше граѓанската организација „Еко-свест“, која повторно побара итна реакција од надлежните институции поради состојбата во најстариот национален парк во земјава.
Станува збор за ловечки филм во траење од околу половина час, во кој странски ловци со пушки со оптички нишани се движат низ македонските планини, набљудуваат дивокози и пукаат кон животните.
Највпечатливите кадри следуваат по отстрелот. На снимката се гледа како од убиена дивокоза се собира крв, се полни сад, по што ловците ја пијат.
Во видеото ловот во Македонија е претставен како врвна планинска ловечка авантура.
„Стрмниот терен, бескрајните искачувања, непредвидливиот ветер и долгите сесии го дефинираат секој ден во овие планини. Ова е вистински планински лов каде што трпението, физичкиот напор и доброто донесување одлуки се важни исто колку и стрелаштвото“, се наведува во описот на видеото.
Авторите ја претставуваат балканската дивокоза како еден од значајните планински видови во Европа и раскажуваат за предизвикот да се лови на стрмниот и тежок терен.
Од кадрите може да се забележи и возило со ознаки на Националниот парк „Маврово“, кое ги придружува странските ловци.
По објавувањето на снимките, „Еко-свест“ повторно го отвори прашањето за правната и институционалната состојба во која се наоѓа Националниот парк „Маврово“.
Од организацијата предупредуваат дека повеќе од две децении по донесувањето на Законот за заштита на природата, процесот за повторно прогласување на Националниот парк сè уште не е завршен.
Според „Еко-свест“, Маврово поради тоа нема дел од клучните механизми за современо и ефикасно управување со заштитеното подрачје.
Екологистите предупредуваат дека во меѓувреме продолжуваат активности кои, според нив, можат да влијаат врз природните вредности на паркот, меѓу кои ги посочуваат комерцијалната сеча, комерцијалниот лов и проектите за мали хидроелектрани.
Токму затоа, „Еко-свест“, поддржана од уште 21 граѓанска организација, бара итна интервенција од Владата и Министерството за животна средина.
Организациите бараат веднаш да продолжи процесот за повторно прогласување на Националниот парк „Маврово“, а предлог-законот да биде ставен на јавна расправа и потоа да продолжи процедурата за негово усвојување во Собранието.
Едно од клучните барања е и воведување мораториум на активности и проекти што не се во функција на заштитата на природата, сè додека не биде воспоставена целосна законска рамка за функционирање на паркот.
Од „Еко-свест“ бараат и управувањето со Маврово да се усогласи со научните наоди и предложеното зонирање од Студијата за валоризација, како и државата да ги исполни меѓународните обврски, вклучително и препораките во рамките на Бернската конвенција.
Од организацијата и претходно предупредија дека Националниот парк функционира во правна неизвесност и дека недонесувањето нов закон го доведува во прашање начинот на кој се спроведуваат одредени активности во заштитеното подрачје.
„Маврово е нашиот најстар и еден од највредните национални паркови. Заслужува јасна, функционална и законски заснована заштита. Долгогодишното одложување мора да заврши. Потребни се институционална одговорност и итно дејствување“, е пораката на „Еко-свест“.
Според организацијата, проблемот со правниот статус на Маврово не е нов. Законот за заштита на природата предвидувал заштитените подрачја да бидат репрогласени, но процесот за Маврово сè уште не е завршен.
Од „Еко-свест“ потсетуваат и дека заштитата на Маврово се следи во рамките на Бернската конвенција, а меѓу нивните барања е државата да ги исполни преземените меѓународни обврски.
Снимките од странските ловци кои отстрелуваат дивокози и пијат крв од едно од животните сега дополнително ја актуализираат дебатата за управувањето и степенот на заштита на природното богатство во Националниот парк „Маврово“.


