
Македонскиот ракометен шампион Вардар остана без бодови по голема драма во СЦ „Јане Сандански“, откако француски Нант славеше со минимални 33-32 во второто коло од Лигата на шампионите.

Пред исполнети трибини и одлична атмосфера, „црвено-црните“ беа во игра до последните секунди, но две големи шанси во финишот останаа неискористени, а гостите од Франција го казнија тоа и ги однесоа бодовите од Скопје.
Вардар одлично го отвори натпреварот и поведе со 3-0. Нант постепено се врати, а по неколку грешки на домашниот состав Французите направија пресврт и во еден период стигнаа до осетлива предност.
Сепак, вардарци не дозволија противникот да се одлепи. Со поддршка од трибините успеаја да се вратат во натпреварот и на полувреме заминаа со само еден гол негатива – 15-16.
Во второто полувреме следуваше голема битка. Двата тима наизменично се менуваа во водство, а Вардар во клучните моменти успеа да стигне и до предност од два гола – 29-27.
Нант, сепак, брзо возврати и резултатот повторно беше израмнет.
Вистинската драма следуваше во последните минути. При 32-32, Вардар имаше можност да поведе, но Јака Малус не успеа да реализира. Нант потоа доби седмерец во самиот финиш, а Ноам Леополд беше прецизен за 33-32.
На Вардар му останаа само неколку секунди за последен напад и можност да освои бод. Малус повторно се најде во добра позиција, но неговиот удар беше одбранет и францускиот состав ја прослави минималната победа.
Најефикасен во редовите на Вардар беше Мохаб Абделхак со 10 погодоци, додека Малус постигна шест. Кај Нант блескаше Леополд со 13 гола.

И покрај поразот, вардарци по завршувањето на натпреварот добија поддршка од трибините. „Црвено-црните“ сè уште ја чекаат првата победа по враќањето во Лигата на шампионите.
