
Повеќе од 100 патници и членови на екипажот се заразиле со норовирус на крузерот „Карипска принцеза“, но и покрај ширењето на вирусот, патниците велат дека атмосферата на бродот останува речиси нормална.
Според американските Центри за контрола и превенција на болести (CDC), заразени се 102 од вкупно 3.116 патници, како и 13 членови на екипажот. Најчести симптоми биле повраќање и дијареја, а здравствените власти потврдиле дека станува збор за норовирус.
Појавата на вирусот била официјално пријавена во четврток за време на патувањето на крузерот по Карибите, кое трае од 28 април до 11 мај.
Патникот Јан ван Милиген, кој веќе 23 дена престојува на бродот со семејството и пријателите од Јужна Африка, изјавил дека и покрај ситуацијата, активностите продолжуваат.
„Сè уште е нормална атмосфера. Бевме на шоуто синоќа, вечеравме и појадувавме утрово“, изјавил тој за NBC News.
Норовирусот важи за исклучително заразен вирус кој брзо се шири во затворени простории, особено на крузери. Според правилата, компаниите мора да пријават епидемија доколку најмалку три проценти од патниците или екипажот имаат гастроинтестинални симптоми.
Компанијата „Принцес Крузис“ соопшти дека веднаш биле засилени санитарните мерки и дезинфицирани сите критични делови од бродот.
„Ограничен број гости пријавија благи гастроинтестинални симптоми. Брзо ги дезинфициравме сите области и воведовме дополнителни хигиенски мерки“, наведоа од компанијата.
По пристигнувањето во Порт Канаверал на 11 мај, крузерот ќе биде темелно исчистен и дезинфициран пред следното патување.
Патниците велат дека на бродот веќе се воведени построги правила – насекаде има средства за дезинфекција, задолжително миење раце и изменет начин на послужување на храната.
„Шведската маса сега е организирана така што персоналот ја дели храната, приборот и чиниите. Луѓето сè уште учествуваат во сите активности“, изјавила патничката Дона Леонте од Флорида, која на бродот ја прославува 21-годишнината од бракот.
Сличен случај беше регистриран и во март, кога повеќе од 150 лица на друг брод на „Принцес Крузис“ исто така се заразија со норовирус за време на патување кон Карибите.


