
Министерството за транспорт со поддршка на Светска банка од заштеди кои што ги направи Министерството, успеа да купи 49 возила за комунална хигиена, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за ТВ Канал 5.
Потенцира дека возилата се наменети за поголемите општини и Град Скопје, а ќе ги користат и општините од Скопје.
” Се работи за различни типови на камиони за собирање на смет, се работи за цистерни за перење и за миење на улици и се работи за различни типови на електрични возила коишто треба да помогнат за метeње на улиците.
Вкупно 49, од коишто најголем дел ќе бидат за Градот Скопје. Чисто за споредба, вкупно Комунална хигиена имаше 40-ина возила. Исто така ќе имаме возила и за Општина Куманово, Општина Тетово, Општина Штип, Општина Велес, Општина Струмица, Општина Прилеп, Општина Дебар, Општина Кичево и Општина Охрид, а во следниот период ќе помагаме и на другите општини. Јас не можам да се сетам на друга поголема донација којашто општините во делот на зачувување на хигиената ја добиле.
Она што исто така ми е особено драго е дека и при набавката заштедивме пари — проценетата вредност беше 5.5 милиони евра, набавката заврши на 4.2 милиони евра, значи заштедивме некаде 1.300.000 евра што сега попаметно ќе ги употребиме за другите општини” – истакна Николоски.


