
Прославата на 35-годишнината од независноста на Македонија, која годинава беше одбележана со големи концерти, меѓународни музички ѕвезди и бројни културни настани низ државата, чинела вкупно 340.509.749 денари, односно околу 5,54 милиони евра, покажува финансискиот извештај презентиран од Владата.
Станува збор за национална програма која опфатила 18 настани во 13 градови, со настапи на домашни и светски познати музички имиња, меѓу кои Дејвид Гета, Хозе Карерас, Стив Аоки, Пол ван Дајк и Пол Оукенфолд.
Според презентираните податоци, најголем дел од средствата биле издвоени за хонорари на артистите и изведувачите, за што биле потрошени 129.307.500 денари, односно приближно 2,1 милион евра.
Втората најголема ставка се однесува на продукцијата на настаните, која чинела 96.272.512 денари, или околу 1,57 милиони евра. Во оваа категорија се опфатени сценските конструкции, озвучувањето, осветлувањето, ЛЕД-екраните и останатата техничка опрема неопходна за реализација на концертите.
Значителни средства биле издвоени и за логистичките потреби. За транспорт, организациска и техничка поддршка, како и за останатите оперативни активности, биле потрошени 58.527.037 денари, односно околу 952.000 евра.
За хонорари на соработниците биле издвоени дополнителни 53.570.250 денари, што претставува приближно 871.000 евра.
Најмала ставка во финансискиот извештај е маркетингот, за кој биле потрошени 2.832.450 денари, односно околу 46.000 евра.
Со тоа, вкупните трошоци за хонорари на артистите и соработниците достигнуваат над 182 милиони денари, што претставува повеќе од половина од вкупната прикажана вредност на програмата.
Од Владата посочуваат дека финансиската структура е содржана во извештај од 81 страница, доставен од компанијата задолжена за реализацијата на проектот. Во документот, како што беше соопштено, детално се обработени програмската концепција, ангажираните уметници, организацијата, продукциските стандарди и распределбата на средствата.
„Како Влада сметаме дека јавноста заслужува да има целосен увид во тоа што беше реализирано, кој беше концептот врз кој се темелеше програмата, каква беше нејзината национална и културна вредност и, секако, како се распределени финансиските средства“, беше истакнато на презентацијата.
Централниот настан се одржа на 8 Септември на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, каде што настапи светски познатиот диџеј Дејвид Гета со спектаклот „The Monolith Show“. Според извештајот, концертот го проследиле околу 50.000 посетители.
Во рамките на програмата беше организиран и концерт на светски познатиот тенор Хозе Карерас, со придружба на Македонската филхармонија, како и националниот музичко-сценски караван „Силно светнал ден“, кој опфати 11 градови.
Владата нагласува дека сите настани биле бесплатни за граѓаните и дека програмата имала за цел да ја доближи прославата на независноста до што поголем број граѓани, но и да обезбеди простор за промоција на македонските уметници.
Иако се презентирани вкупните расходи по категории, во доставеното излагање не е наведено колку поединечно чинел настапот на секоја од меѓународните музички ѕвезди, ниту колкави биле трошоците за секој концерт одделно.
Според Владата, ваквиот обем на програмата барал значителни финансиски, технички и организациски ресурси, а деталната презентација на трошоците е во интерес на транспарентноста и отчетноста пред јавноста.



