
На официјалната веб-страница на Министерството за внатрешни работи, во делот „Потраги“, сè уште е објавена меѓународна потерница по лице со име Симеон Михаилов.
Истовремено, во бугарските медиуми се појавува човек со истото име, кој јавно дава изјави поврзани со судскиот процес за неговата ќерка Ива Михаилова.
Ова отвора повеќе прашања на кои 4NEWS.mk побара официјален одговор од Министерството за внатрешни работи.
До МВР испративме прашање дали меѓународната потерница по Симеон Михаилов сè уште е активна или, пак, станува збор за информација која не била навремено ажурирана на интернет-страницата на Министерството.
Побаравме одговор и дали македонските надлежни институции имаат информации дека лице со истото име престојува на територијата на Бугарија и јавно се појавува во тамошните медиуми.
Клучното прашање е дали човекот кој се појавува пред камерите во Бугарија е истото лице кое е објавено во делот „Потраги“ на македонското МВР.
Редакцијата располага со фотографии од лицето објавено на веб-страницата на МВР, како и од човекот кој се појавува во бугарските медиуми. Сепак, без официјална потврда од надлежните институции, 4NEWS.mk не тврди дека станува збор за исто лице.
Според информациите наведени во потерницата, Симеон Михаилов се бара по наредба на Основниот суд Кочани за издржување затворска казна од 12 години и шест месеци.
Во објавените податоци се наведуваат кривични дела поврзани со злосторничко здружување, насилство и тешки кривични дела против животот и телото.
Името на Михаилов во минатото беше поврзувано со криминална група од источниот дел на Македонија, опфатена со полициската акција „Детонатор“. Тој бил осуден во отсуство, а во 2014 година бил екстрадиран од Италија. Во понатамошната судска постапка казната била преиначена и намалена.
Според претходно објавени информации, подоцна повторно станал недостапен за органите на прогонот, по што по него била распишана потерница.
Дали таа потерница и денес е активна и, уште поважно, дали човекот кој јавно се појавува во бугарските медиуми е лицето кое го бара македонската полиција – се прашањата за кои очекуваме официјален одговор од МВР.
Одговорот од Министерството ќе го објавиме веднаш по неговото пристигнување.

