Skip to main content
Македонија

МОН со поддршка од „Македонски Телеком“ етапно ќе воведува дигитални свидетелства

14/05/2026  14:21

Покрај хартиените свидетелства, на крајот од тековната учебна година, учениците од прво до трето одделение за првпат ќе добијат и дигитални свидетелства како резултат на заложбите на Министерството за образование и наука за дигитализација на образованието. Ова е значаен чекор во процесот на модернизација на образовните услуги во државата и е поддржан од Македонски Телеком.

„Оваа учебна година започнуваме со етапно воведување на дигиталните свидетелства. Тие ќе имаат идентична важност како и хартиените кои постепено ќе се заменуваат, што ќе значи олеснување на административната работа на училиштата, намалување на трошоците за печатење и онлајн достапност на документот во секое време. Продолжуваме да ја дигитализираме образовната сфера. Задоволна сум од интензитетот на овој процес, затоа што речиси сите постапки за остварување на права и услуги се поедноставени и се реализираат по електронски пат. Преостанува уште уписот во високо образование, а со воведувањето на дигиталните свидетелства, се отвара можност за остварување и на оваа цел “, изјави министерката Весна Јаневска за време на денешната посета на Македонски Телеком.

Македонски Телеком донираше електронски потписи за сите 368 основни училишта во земјава со што ќе се овозможи поедноставна, побрза и поефикасна реализација на процесот на издавање дигитални свидетелства. 

„Дигитализацијата на образованието е една од најважните инвестиции во иднината на државата. Денешните ученици се генерации кои ќе живеат, учат и работат во целосно дигитален свет и затоа е важно да создадеме современ, ефикасен и достапен образовен систем. Како лидер во дигиталната трансформација, Македонски Телеком има одговорност активно да ги поддржува процесите што носат долгорочни придобивки за општеството. Со обезбедувањето електронски потписи за сите основни училишта, придонесуваме кон побрза, поедноставна и поефикасна дигитализација на образованието и остануваме силен партнер на институциите во создавање модерни услуги за младите генерации“, изјави Горан Марковиќ, главен извршен директор на Македонски Телеком.

Со воведувањето на дигиталните свидетелства, учениците и нивните семејства ќе имаат полесен и побрз пристап до документите, додека училиштата ќе добијат поефикасен административен процес и трајна електронска архива. Секое дигитално свидетелство останува во трајна електронска архива и по потреба и на барање на ученик или неговото семејство, може да биде отпечатено од страна на училиштето. Во следните години, дигиталните свидетелства постепено ќе се воведуваат и за учениците од повисоките одделенија.