Skip to main content
Македонија

Митева: Наместо поддршка за јубилејот, опозицијата шири какафонија

14/05/2026  20:34

Гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, портпаролката на Владата, Марија Митева, упати остри критики кон опозицијата поради нападите и обидите за дискредитација на претстојниот концерт на светската музичка ѕвезда David Guetta во Скопје.

Митева порача дека граѓаните заслужуваат достоинствено и современо одбележување на 35-годишнината од независноста на Македонија, без, како што рече, „непотребни политички манипулации и какафонија“.

Таа нагласи дека организацијата на спектаклот е поставена на професионално ниво и дека правилата ќе важат подеднакво за сите, без разлика дали станува збор за домашни посетители или гости од странство.

„Регистрацијата е еднаква за сите. Организаторот има подготвено методологија како тоа ќе се реализира и веруваме во нивното долгогодишно искуство за организирање големи настани. Наша цел е да покажеме дека Македонија може да биде домаќин на светски шоуа“, изјави Митева.

Концертот на David Guetta ќе се одржи на 8 септември во Арена Тодор Проески, по повод 35 години независност на Македонија, а билетите ќе чинат симболични 35 денари.

Осврнувајќи се на критиките од опозицијата за наводна нетранспарентност, Митева истакна дека Владата навремено ќе ја информира јавноста за сите детали, но дека дел од информациите мора да се објавуваат етапно поради договорните обврски со меѓународните артисти.

„Смешно е кога опозицијата прави компарации со студентски домови — токму оние кои ветуваа ‘Студентски град’, а зад себе оставија само руини. Нивните изјави се толку какафонични и без смисла, што навистина е жално јавноста да биде сведок на таква дебата“, порача таа.

Во својот препознатлив стил, Митева со иронија се осврна и на музичкиот вкус на опозициските лидери, алудирајќи дека критиките можеби се должат и на лични преференции.

„Разбирам дека вакви артисти можеби не се по нивна желба. Сме виделе дека лидерот на таа партија ужива на забави со сосема поинаков тип на музичари, но тоа е друга работа. Очекував дека за ваков јубилеј, ако веќе не сакаат да го поздрават настанот, барем ќе премолчат“, додаде Митева.

Таа заклучи дека Владата останува фокусирана на организација на спектакл кој ќе ја позиционира Македонија на светската мапа на големи музички настани и ќе испрати позитивна порака до регионот и светот.