
Трговската размена меѓу Северна Македонија и Турција да се зголеми од околу една на две милијарди евра до 2027 година. Оваа цел ја посочи министерот задолжен за меѓународни партнерства и странски инвестиции, Зулфикар Зејнула, на средба со турски стопанственици во седиштето на Македонско-турската стопанска комора (МАТТО).
Зејнула го посочи обновувањето на Договорот за слободна трговија како еден од приоритетите за зголемување на размената. Тој нагласи дека за продлабочување на економските врски меѓу двете земји е важна тесната соработка со компаниите.
На средбата, предводена од претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски, се разговарало за актуелните економски и трговски движења и за можностите за проширување на соработката. Членовите на комората му ги пренеле на министерот своите барања, предлози и очекувања.
Адемоски порача дека МАТТО е подготвена да соработува за зголемување на трговската размена и да поддржи организирање балкански бизнис-форум со учество на премиерот и на надлежните институции. Стопанствениците на средбата изразиле очекување дека соработката со Зејнула ќе ја подобри координацијата меѓу Владата и деловната заедница.



