Skip to main content
Македонија

Митева: Македонија е мојата најголема љубов, како вечен пиреј што никогаш не исчезнува

14/05/2026  20:56

Во најновото гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, портпаролката на Владата, Марија Митева, испрати силна и емотивна порака за Македонија, младите и потребата од постојан развој на државата.

Одговарајќи на прашањето што за неа претставува татковината, Митева со поетски и симболичен говор ја опиша својата поврзаност со Македонија, повикувајќи се и на мотивот за „вечниот пиреј“ како симбол на истрајност и опстанок.

„Македонија за мене е најголема љубов, татковина и сила по секој пораз. Таа е како вечен пиреј и нешто што е бесконечно. Не би можела со други зборови подолго да опишам што значи таа за мене. Ова е наша заедничка татковина и сè што треба да правиме е да градиме подобра иднина“, изјави Митева.

Таа нагласи дека државата не смее да остане заробена во статус-кво состојба и дека реформите во образованието, здравството и институциите мора да бидат континуиран процес.

„Не смееме да се задоволиме со статус-кво. Мора да гледаме напред и да се развиваме во сите сектори“, истакна портпаролката.

Посебен акцент Митева стави на младите, оценувајќи дека тие се најголемиот потенцијал на Македонија и дека државата мора да создаде услови тие својата иднина да ја гледаат дома, а не надвор од границите.

Според неа, европските вредности не треба да останат само политичка флоскула, туку да се применуваат во секојдневното функционирање на институциите и општеството.

„Зборуваме многу за ЕУ, но клучот е како тие европски вредности да ги имаме тука, дома. Европската Унија без тие вредности не би била тоа што е. Младите се сериозен потенцијал и јас верувам дека имаме капацитет заеднички да ја градиме државата“, порача Митева.

На крајот од интервјуто, таа потенцираше дека претстојното одбележување на 35-годишнината од независноста претставува можност Македонија пред светот да ја покаже својата култура, традиција и идентитет во најдобро светло.