Skip to main content
Македонија

Минчев: Само со силна и професионална администрација можеме да ги исполниме европските стандарди

17/07/2025  14:26

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, се обрати на сесијата на Работната група 6 – „Антикорупција” во рамките на Националната конвенција за Европската Унија во Република Македонија. Настанот беше посветен на темата „Административни капацитети за унапредување на вредноста за потрошени јавни средства”, при што беа разгледани европските искуства за ефикасно управување со јавните ресурси.

Во своето обраќање, министерот Минчев потенцираше дека јавната администрација е клучниот столб на евроинтегративниот процес, истакнувајќи: „Без ефикасна, професионална и одговорна администрација, која може да ги спроведе реформите и да обезбеди усогласеност со европските стандарди, невозможно е успешно да затвориме ниедно од преговарачките поглавја.”

Тој ги претстави новите законски решенија за професионализација и департизација на јавниот сектор, со цел изградба на транспарентен и одговорен систем што ќе обезбедува квалитетни услуги за граѓаните. „Нашата крајна цел е создавање администрација што работи во интерес на граѓаните, а не обратно,” истакна Минчев, додавајќи дека реформите се резултат на широка соработка со сите засегнати страни, вклучително и граѓанскиот сектор и меѓународните партнери.

На сесијата се обрати и амбасадорот на Република Словачка, Н.Е. Хенрик Маркуш, кој го сподели искуството со словачкиот модел за евалуација на јавната потрошувачка преку Единицата за вредност за пари (Value for Money Unit), како пример за подобрување на отчетноста и зголемување на ефикасноста во јавниот сектор.