
Во интервју за емисијата „Клик плус“ на ТВ21, Мицкоски изнесе сериозни критики за постапувањето во случајот со Михаилова и нејзиниот татко, оценувајќи дека Бугарија, како сојузник во НАТО, не треба да дозволи нејзината територија да се користи за избегнување на правдата.

Премиерот тврди дека Ива Михаилова нелегално ја преминала македонско-бугарската граница и ги отфрли тврдењата на нејзиниот адвокат за начинот на кој ја напуштила земјата.
Според него, Министерството за внатрешни работи продолжува да го истражува случајот и се очекува да бидат утврдени сите околности под кои Михаилова заминала во Бугарија.
Мицкоски изнесе и обвинувања за, како што рече, координирано дејствување меѓу македонската опозиција и одредени бугарски медиуми, кои според него пласираат идентична теза дека бегството било однапред договорено.
„Тие создаваат иста теза, ако забележите, медиумите кои се провладини кај нив и нашата македонска опозиција што имаат заедничко? Заедничка е тезата дека ова било договорено. Добро, еве ако е договорено, сега има меѓународна потерница, ве молам испорачајте ги“, изјави премиерот.
Тој нагласи дека македонските власти очекуваат соработка од Бугарија и постапување по меѓународната потерница.
Мицкоски оцени дека евентуалното одбивање на бугарските власти да постапат по барањата би отворило сериозни прашања за соработката меѓу двете држави.
Премиерот најави дека случајот нема да остане само билатерално прашање, туку ќе биде отворен и во разговорите со меѓународните партнери.
„Ние разговаравме со нашите меѓународни партнери, ова ќе биде покренато и на состаноците со НАТО-алијансата, бидејќи наш партнер во НАТО денеска е прибежиште на осудени криминалци и ние очекуваме во најскоро време тие да бидат испорачани на правдата“, нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека прашањето ќе биде покренато и пред партнерите во Европската Унија.
Според премиерот, особено загрижува можноста овој случај да биде искористен како пример од други лица кои се соочуваат со кривични постапки или имаат изречени затворски казни, а кои би се обиделе преку добивање бугарско државјанство да најдат засолниште во соседната земја.
„Не би сакал осуден криминалец да биде причина за неспроведување на правдата, не би сакал да верувам дека моменталното политичко водство кај нашиот источен сосед ќе биде алиби за осудени криминалци од државата да вадат бугарски пасоши и преку илегални премини да бегаат и да бараат прибежиште таму“, изјави премиерот.
Мицкоски истовремено нагласи дека Владата нема намера да реагира емотивно на случувањата, туку ќе продолжи да бара институционално и дипломатско решение.
Тој оцени дека одредени политички структури очекувале поостра реакција од македонската страна, но нагласи дека Владата останува подготвена за дијалог и решавање на отворените прашања со Бугарија.
На крајот, премиерот порача дека Ива Михаилова и нејзиниот татко, според неговите очекувања, кога-тогаш ќе се соочат со македонските правосудни институции.
Ива Михаилова е обвинета во судска постапка поврзана со сообраќајна несреќа со смртни последици. Според претходните информации од Обвинителството, нејзе ѝ биле одземени македонскиот и бугарскиот пасош и ѝ биле изречени мерки за забрана на напуштање на земјата.

