Skip to main content
Магазин

Масното сирење е клучот за среќен и здрав живот

09/04/2025  23:07

Научниците од Универзитетот во Копенхаген ја изненадија јавноста со наодите од нова студија која покажува дека секојдневното конзумирање масно сирење може да има позитивно влијание врз здравјето, особено на кардиоваскуларниот систем и општата благосостојба.

Во 12-неделната студија учествувале 139 лица поделени во три групи. Првата група секојдневно конзумирала по 80 грама стандардно, масно сирење, втората исто количество, но обезмастено сирење, а третата (контролна) јадела 90 грама леб со џем. Резултатите биле изненадувачки: кај групата што консумирала масно сирење не било забележано зголемување на холестеролот, крвниот притисок или телесната тежина. Напротив, кај нив се зголемило нивото на т.н. „добар“ холестерол (HDL), што е поврзано со намален ризик од срцеви заболувања.

Дополнително, други истражувања – меѓу кои и едно од Јапонија – укажуваат дека редовното јадење сирење може да го спречи таложењето на маснотии во црниот дроб, да го подобри расположението, да го олесни спиењето, па дури и да помогне во процесот на слабеење.

Овие резултати го менуваат традиционалниот став за заситените масти и отвораат врата кон нови препораки во исхраната. Иако и понатаму е потребна умереност, научниците порачуваат дека сирењето, особено кога е дел од балансирана исхрана, не само што не штети, туку може да биде и сојузник за поздрав и посреќен живот.