
Македонија располага со резерви од керозин за околу 90 дена, што е повеќе од законски предвидениот минимум од 60 дена, изјави министерот за транспорт Александар Николоски.
Според него, состојбата со снабдувањето е стабилна и во моментов не се очекуваат проблеми, иако дел од европските авиокомпании се соочуваат со притисок поради кризата на Блискиот Исток и нарушувањата на пазарот на авионско гориво.
Николоски посочи дека со керозин од Македонија, покрај двата домашни аеродроми, се снабдува и аеродромот во Приштина, како и делумно аеродромот во Ниш. Тој тврди дека одредени авиокомпании слетуваат во Скопје со помалку гориво, за потоа да наточат керозин и да продолжат кон следната дестинација.
Во Европа, во меѓувреме, се разгледуваат алтернативни решенија за авионското гориво, вклучително и можност за увоз од САД, поради зголемената неизвесност околу снабдувањето и цените. Македонските власти, сепак, уверуваат дека засега нема ризик од недостиг на керозин во земјата.


