Skip to main content
Македонија

Експерти утврдиле девет непотребни операции на срце, наодите се уште не се кај обвинителите

25/11/2026  23:26

Странски медицински експерти утврдиле дека кај девет пациенти биле извршени кардиохируршки интервенции за кои немало медицинско оправдување. Документацијата за случаите сè уште не е доставена до Јавното обвинителство, а министерот за здравство Сашо Клековски вели дека чека безбедносен сертификат.

Прашањето дали во приватни здравствени установи биле извршувани непотребни операции за да се наплатат средства од Фондот за здравствено осигурување е отворено во јавноста веќе една година. Случајот го актуализираше кардиологот Сашко Кедев, кој јавно предупреди дека во земјава се извршуваат интервенции без медицинско оправдување.

По предупредувањата, тогашниот министер за здравство Азис Алиу формираше две стручни комисии за да ги испитаат сомнежите. Првата, составена од домашни лекари, разгледала 20 случаи. Кај 13 од нив, комисијата утврдила сомнежи дека пациентите биле непотребно оперирани или дека биле упатени на операција без медицинско оправдување. Втората комисија, составена од странски експерти, заклучила дека кај девет пациенти извршените интервенции биле медицински неоправдани.

Клековски најави дека случаите треба целосно да се расчистат и да се утврди дали има одговорност. Тој посочи дека сè уште го чека безбедносниот сертификат, додека собраната документација останува недоставена до Обвинителството.

Отворено останува прашањето дали за спорните интервенции биле наплатени средства од Фондот, дали некој остварил финансиска корист и дали има основа за кривична одговорност.