Skip to main content
Македонија

Македонија е заеднички дом на сите нејзини граѓани

03/11/2026  14:15

Пишува: Салим Кадри Керими, историчар, дипломат во пензија, публицист

Историјата не е средство за докажување етничка надмоќ, ниту основа за ексклузивно право врз државата. Таа треба да биде поттик за меѓусебно разбирање, почитување и заедничка иднина

Во говорот што претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети (Ali Ahmeti), го одржа на 1 ноември 2026 година во селото Брвеница, по повод победата на кандидатот на неговата партија на вонредните локални избори во Општина Брвеница, меѓу другото, ја изнесе и следнава изјава: „Македонија не е ниту на Христијан (Мицкоски – м.з.), ниту на Бранко Црвенковски, Македонија е татковина на Албанците кои се автохтони…“

Оваа изјава, која Али Ахмети ја има изнесено и во други прилики, отвора едно суштинско прашање што ја надминува рамката на дневнополитичките препукувања: кому му припаѓа Македонија и врз какви историски, научни и цивилизациски аргументи се засноваат тврдењата за „ексклузивна автохтоност“ на одделни етнички заедници? Со други зборови, дали навистина може да се прифати тврдењето дека „Македонија не е ниту на Христијан (Мицкоски – м.з.), ниту на Бранко Црвенковски, туку е татковина на Албанците кои се автохтони“? Според моето мислење, одговорот е недвосмислен – не. Еве зошто.

Во мојот претходен напис под наслов „Митот за ексклузивна автохтоност“, објавен во овој медиум на 21 ноември 2025 година, веќе укажав дека ваквите тврдења се длабоко проблематични и научно неосновани кога се користат за воспоставување хиерархија меѓу народите или за докажување исклучиво право врз одредена територија. Историските, антрополошките и цивилизациските процеси не дозволуваат толку едноставни и еднозначни толкувања. Со други зборови, историјата не познава народи со ексклузивно право врз една држава.

Британските историчари Ерик Хобсбаум (Eric Hobsbawm) и Теренс Ренџер (Terence Ranger), во нивното познато дело „The Invention of Tradition“ (1983), ја разработуваат тезата за таканаречените „измислени традиции“. Тие укажуваат дека дел од традициите што во современите општества се претставуваат како древни, непроменливи и непрекинати историски наследства, всушност, се обликувани или реконструирани во понови историски околности. Овој пристап е особено значаен при анализирањето на современите национализми, вклучително и на Балканот. Идеите за „чисто потекло“, непрекинат историски континуитет и поголема древност на еден народ во однос на друг неретко се користат како инструменти за политичка мобилизација и легитимирање на определени национални претензии.

Според моето мислење, историјата не претставува натпревар во кој народите треба да докажуваат кој пристигнал порано, кој има подлабоки корени или кој поседува поголемо право врз земјата на која живее. Балканот, како простор на вековни миграции, културни контакти, религиски влијанија, меѓусебни влијанија и заедничко живеење, е особено јасен пример за сложеноста на историските процеси. Затоа, секое поедноставување на минатото и негово приспособување кон современите политички потреби може да создаде погрешни претстави за историската реалност и да ги продлабочи постојните меѓуетнички недоверби.

Од аспект на современата антропологија и палеоантропологија, теоријата „Out of Africa“, развивана и поткрепувана со бројни научни истражувања, укажува дека современиот човечки вид има заедничко африканско потекло и дека неговите популации постепено се прошириле на другите континенти. Овој научен пристап нè потсетува на една едноставна, но суштинска вистина: денешните етнички, национални и културни разлики се резултат на долготрајни историски, демографски и цивилизациски процеси. Тие не се доказ за каква било природно предодредена надмоќ на една заедница над друга.

И од религиски аспект, човекот не е апсолутен сопственик на Земјата и на сè што постои на неа, туку дека неговото постоење и користењето на нејзините богатства се временски ограничени. Во таа смисла, луѓето се само привремени корисници на она што, според религиското учење, му припаѓа на создателот, односно на семоќниот Бог.

Секако дека историската автохтоност во научна смисла има конкретно географско и временско значење и не треба да се поистоветува со општото човечко потекло. Но, она што недвосмислено треба да се отфрли е нејзината политичка инструментализација, односно обидот историското присуство на една етничка заедница да се претвори во исклучиво право врз државата и нејзините институции.

Во овој контекст, особено е важно да се нагласи дека Македонија, и која и да е друга земја во светот, не може да се третира како сопственост на една етничка заедница. Таа е држава и заеднички дом на сите нејзини граѓани, без оглед на нивната етничка, верска, јазична или културна припадност.

Со други зборови, Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Бошњаците, Србите, и припадниците на другите заедници се дел од нејзината современа општествена, културна и историска реалност. Секоја од овие заедници има своја историја, традиција, јазик, културно наследство и придонес во развојот на државата. Нивното право на достоинствен живот, еднаквост, зачувување на сопствениот идентитет и учество во политичкиот и општествениот живот не произлегува од тоа кој е „постар“ или „поавтохтон“, туку од граѓанските права, уставниот поредок и демократските принципи врз кои треба да почива секоја современа држава.

Токму затоа, кога еден политички лидер изјавува дека Македонија е татковина на Албанците затоа што тие се автохтони, а истовремено ја доведува во прашање можноста и другите етнички заедници да ја сметаат Македонија за своја татковина, неопходно е да се постави прашањето: дали со таквата реторика се придонесува кон зајакнување на заедништвото или, напротив, се создаваат нови етнички дистанци?

Несомнено, Албанците имаат историско присуство на територијата на денешна Македонија и се нејзин нераскинлив дел. Тоа никој не треба да го оспорува. Но, исто така, никој нема право историското присуство на Албанците да го користи како аргумент за ексклузивно право врз државата, исто како што ниту една друга етничка заедница не треба да претендира на такво право.

Одговорноста на политичките лидери не се состои само во освојување гласови и задоволување на очекувањата на нивното гласачко тело. Таа подразбира и внимателност во изборот на зборовите, особено кога станува збор за чувствителни историски, национални и меѓуетнички прашања. Во мултиетничко општество какво што е македонското, политичките пораки треба да придонесуваат кон доверба, почитување и заедничка одговорност, а не да поттикнуваат натпревар во историска древност или во докажување на етничка припадност на државата.

На Македонија не ѝ се потребни нови поделби, ниту политички интерпретации на историјата што ќе создаваат чувство дека некој е повеќе домаќин, а некој помалку добредојден во сопствената држава. Потребни ѝ се одговорни политичари, независни научни истражувања, искрен меѓусебен дијалог и почитување на различностите.

Францускиот антрополог Клод Леви – Строс (Claude Lévi – Strauss), во своите размислувања за културната различност, ја нагласува важноста на меѓукултурната комуникација и заемното почитување. Вредноста на една култура не треба да се мери единствено според нејзината старост, туку и според нејзината способност да комуницира и да коегзистира со другите. Тоа е особено важна порака за македонското општество, во кое различностите не треба да се доживуваат како пречка, туку како цивилизациско богатство.

На крајот, би сакал да истакнам дека автохтоноста, кога се употребува како аргумент за ексклузивно или исклучиво право врз одредена територија, не претставува научна основа со која може да се оправдаат современите политички претензии. Историјата на човештвото е историја на движења, миграции, културни контакти, меѓусебни влијанија и коегзистенција, а не на непроменливи етнички граници.

Никој не треба да се откажува од сопствената историја, националниот идентитет, јазикот, културата или традицијата. Напротив, нивното зачувување е легитимно право на секоја заедница. Но, тоа право не смее да се претвора во негирање на другиот, ниту во обид за воспоставување етничка хиерархија.

Македонија треба да биде држава во која секој нејзин граѓанин ќе се чувствува рамноправен, почитуван и безбеден, држава во која никој нема да мора да докажува дека е „поавтохтон“ за да има право да ја смета за своја татковина. Затоа, наместо да се расправаме кому му припаѓа Македонија, треба да се запрашаме што можеме заеднички да направиме за нејзината иднина. Наместо да ги мериме историските корени, треба да ги градиме современите мостови на доверба и соработка.

Македонија не е ниту ексклузивна сопственост на Македонците, ниту на Албанците, ниту на која било друга етничка заедница. Таа е заеднички дом на сите нејзини граѓани. Нејзината иднина не треба да се темели врз митови за етничка надмоќ и ексклузивна автохтоност, туку врз еднаквост, меѓусебно почитување, демократија и заедничка одговорност. Тоа не е само политички став, туку цивилизациска определба и предуслов за изградба на стабилна, демократска и просперитетна држава.