Skip to main content
Македонија

Македонија дел од голема меѓународна акција: Разбиена мрежа за интернет измами, седуммина уапсени

03/11/2026  17:12

Македонската полиција и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција учествуваа во голема меѓународна операција за разбивање организирана криминална мрежа која преку лажни интернет-платформи мамела граѓани да вложуваат пари во наводно профитабилни инвестиции.

Во координираната акција, спроведена со поддршка на Европол и Европравда, уапсени се седум осомничени лица, извршени се претреси на 17 локации и запленети се повеќе од 100 сервери, како и електронски докази и средства поврзани со криминалните активности.

Според досегашните информации, утврдената финансиска штета надминува четири милиони евра, а потенцијални жртви на измамите се идентификувани во најмалку 50 држави.

Во операцијата учествуваа надлежните институции од Германија, Кипар, Финска, Албанија, Израел, Косово и Македонија.

Според Европравда, криминалната мрежа користела интернет-платформи кои изгледале како легитимни сервиси за тргување со криптовалути, странски валути и акции. На потенцијалните инвеститори им биле ветувани огромни добивки за краток временски период.

Измамата започнувала со убедување на жртвите да вложат помали суми пари. Потоа, преку лажни прикази на платформите, им биле прикажувани високи заработки, со што се создавала привидна сигурност дека инвестицијата е успешна.

Откако жртвите ќе стекнеле доверба, лицата кои се претставувале како финансиски брокери вршеле психолошки притисок врз нив да вложуваат дополнителни, значително поголеми суми.

Меѓутоа, кога инвеститорите ќе побарале да ги повлечат заработените пари, започнувале одложувања, изговори и различни пречки. На крајот, измамниците исчезнувале, а оштетените останувале без вложените средства.

Истрагата започнала во 2022 година, кога брачна двојка од Германија пријавила дека ги вложила своите заштеди преку интернет-платформа, но не можела да ги повлече парите.

Повеќегодишната истрага открила разгранета меѓународна структура во која биле вклучени компании што обезбедувале техничка инфраструктура за измамите, како и кол-центри преку кои жртвите биле убедувани да инвестираат.

Особено значајно е што истражителите откриле компанија со седиште на Кипар и во Израел, за која постои сомневање дека нудела криминални услуги на други организирани групи, обезбедувајќи им лажни интернет-страници за спроведување финансиски измами.

Според Европравда, идентификувани се и осомничени клиенти на оваа компанија во Албанија, Косово и Северна Македонија, за кои се верува дека управувале со измамнички кол-центри.

Во рамките на последната операција бил извршен претрес и во кол-центар на Косово, додека запленетите сервери и електронски уреди ќе бидат предмет на дополнителна форензичка анализа.

Седумтемина осомничени се уапсени заради предавање или екстрадиција во Германија, каде што се води кривичната постапка.

Во Македонија активностите биле преземени од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност.

Европравда ја координирала меѓународната правосудна соработка од своето седиште во Хаг, додека Европол обезбедил аналитичка и оперативна поддршка, вклучително и експерти за дигитална форензика.

Истражителите продолжуваат со анализата на запленетите докази, со цел целосно утврдување на обемот на криминалната мрежа, идентификување на останатите инволвирани лица и утврдување на вкупната финансиска штета.

Засега не е соопштено колку лица се оштетени во Македонија, ниту дали меѓу седумтемина уапсени има македонски државјани.