Skip to main content
Македонија

Левица: Утрово пациентите повторно се враќани од Клиниката за онкологија

24/11/2026  12:26

Соопштение на Левица:

Утрово пациентите повторно се враќани од Клиниката за Онкологија со дополнително објаснување “не очекувајте до Нова Година да дојде лекот”. Станува збор за циклуси на хемотерапија со лекот паклитаксел, што се дава на точно определен ден, а доколку терапијата се одложи продолжува прогресијата на болеста. Со ова на сите оперирани пациенти им се ризикуваат животот. Џабе поминале еден болен циклус со таксол, сега повторно ќе им се развие туморот. 

Паклитакселот ја запира делбата на канцерогените клетки. Кога терапијата се прекинува на подолг период, преостанатите туморски клетки добиваат време повторно да се размножуваат и туморите да се вратат. Веројатно лекарот кој никогаш не лечел, Клековски не знае кои се импликациите од недостатокот на паклитаксел. Со ова Клековски заради неукост и неодговорност ги турка кон смрт.

Кога Клековски би го разбрал ова, би се обидел барем да најде вонреден начин за требување на лекот! Алармантно е што ова не е прашање на тоа дали државата има пари или не, дали Клековски ги плаќа тендерите или не, едноставно пациентите почнале терапија, терапија која не се прекинува туку-така и мора да ја продолжат!

Онколошките протоколи се строго пресметани според временски интервали (неделно или на 21 ден) за да се постигне максимален ефект. Одложувањето на циклусите за повеќе од 2 до 4 недели директно ја намалува стапката на целосна ремисија. Прекините во дозирањето им овозможуваат на туморските клетки да развијат механизми за отпорност. Кога лекот повторно ќе стане достапен по еден месец, постои ризик туморот повеќе да не реагира на паклитаксел, што ги принудува лекарите да преминат на други, често поагресивни или помалку ефикасни линии на терапија.

Без разлика од околностите и начините, паклитаксел мора веднаш да биде обезбеден за онколошките пациенти!