Skip to main content
Македонија

Лекар, менаџер и долгогодишен аналитичар – новиот министер за здравство Сашо Клековски

14/07/2026  09:29

Собранието на Република Северна Македонија го избра Сашо Клековски за нов министер за здравство, како кандидат предложен од ВМРО-ДПМНЕ, во рамките на реконструкцијата на Владата. Со ова, Клековски официјално го презема раководењето со еден од најзначајните ресори во Владата, по претходниот ангажман како директор на Фондот за здравствено осигурување.

Клековски е доктор по медицина, дипломиран на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а има завршено и МБА академска програма на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАЦС). Роден е на 13 април 1966 година во Скопје, оженет е со Ана и татко на две деца – Ангелина и Никола.

Новиот министер зад себе има повеќе од три децении професионално искуство како менаџер, аналитичар и консултант во јавниот, граѓанскиот и приватниот сектор. Во студентските денови бил претседател на Сојузот на студентите по медицина на Македонија, а подоцна и на Сојузот на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Во 1993 година бил еден од основачите на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), каде од 1994 до 2011 година ја извршувал функцијата извршен директор. Во текот на својата кариера бил активно вклучен и во воспоставувањето на Македонската развојна фондација за претпријатија, а од 2017 година е претседавач на нејзиниот Одбор на старатели.

Клековски има значајно искуство и во европските процеси. Од 2007 до 2010 година бил прв ко-претседател на Заедничкиот консултативен комитет на граѓанското општество меѓу Европската Унија и Република Македонија. Во истиот период учествувал во подготовката на повеќе национални стратегии, меѓу кои првата Стратегија за соработка на Владата со граѓанскиот сектор и првата Државна програма за превенција и репресија на корупцијата.

Покрај тоа, работел на јакнење на институционалните капацитети на Народниот правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а има реализирано и бројни проекти поврзани со стратешко планирање, институционални реформи и јавни политики.

Во академската сфера, од 2013 до 2016 година бил предавач на Факултетот за деловна економија и менаџмент при Универзитетот Американ Колеџ Скопје, каде на МБА студиите го предавал предметот „Претприемнички финансии“.

Покрај ангажманот во јавниот сектор, Клековски има искуство и во приватниот сектор, каде работел на стратешки анализи и консултантски проекти за реструктурирање на компании. Автор е на повеќе истражувачки извештаи, книги и стручни трудови, а од 2012 до 2024 година беше редовен колумнист во дневниот весник „Нова Македонија“. Своите анализи и ставови ги објавува и на блогот „Меѓутоа“.

Од 2022 година е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Изборот на Клековски е дел од пошироката реконструкција на Владата, со која се вршат кадровски промени во повеќе министерства и институции. Како нов министер за здравство, тој ќе има задача да го води здравствениот систем и да ги реализира владините политики во областа на здравството во наредниот период.