
Јавните превозници во Албанија, од утре, 1 септември, најавија редукција на автобуските линии, поради високите оперативни трошоци и нереализацијата на надоместокот за гориво, што им го ветила владата.
„Принудени сме да работиме со возен парк намален за околу 20-30%, зависно од финансискиот и оперативниот капацитет што секој оператор моментално го има на располагање. Одлуката ја донесовме по континуираните барања до надлежните институции за продолжување на периодот за компензација за нафта за најмалку три месеци, бидејќи трошоците за работа со полна флота се неподносливи, стои во објавата на Националното здружение за урбан транспорт и Здружението за урбан и меѓуградски транспорт.
Во дописот до кабинетот на премиерот, министерствата за економија и инфраструктура и енергетика и општина Тирана, здруженијата нагласуваат дека овојчекор не е избор на операторите, ниту недостаток на волја од надлежните за гарантирање на нормална услуга на јавен превоз.
Според транспортните здруженија, тоа е директна последица на финансиската неможност да се покријат трошоците за работа со полн возен парк, особено трошоците за гориво, кои претставуваат една од главните ставки на активност.
Тие бараат оваа ситуација да се третира со приоритет и итност, со цел да се избегне понатамошно влошување на услугата за јавен превоз и што е можно поскоро да се врати целосниот оперативен капацитет.
Од мај, здруженијата за јавен превоз во неколку наврати ја изнесоа загриженоста за тоа што не се во можност да ги покријат трошоците од зголемувањето на цената на нафтата и за времетраењето на периодот за користење на надоместокот од 50 леки за литар нафта.
Албанија има највисоки цени на горивата во регионот. Така, литар нафта чини 2,38 евра, додека бензините 2,22 евра.


