Skip to main content
Македонија

Кос: Северна Македонија демонстрира посветеност на реформите, наша цел останува отворање на првиот кластер штом се исполнат условите

04/11/2026  14:46

Северна Македонија демонстрира посветеност на реформите и Реформската агенда. Европската комисијата ќе продолжи да ја поддржува земјата на нејзиниот пат кон ЕУ. Нашата цел останува да го отвориме првиот кластер штом ќе се исполнат условите – рече еврокомесарката за проширување Марта Кос, претставувајќи го Пакетот за проширување за 2026 година во Брисел.

Како што рече Кос, условите за земјава се јасни.

– Северна Македонија треба да ја исполни својата обврска за завршување на уставните измени како што е наведено во заклучоците на Советот од 18 јули 2022. Сега зависи од Северна Македонија – рече Кос.

Кос, претходно, претставувајќи го Пакетот за проширување за 2026 година, во кој се содржани извештаите на ЕК десет земји кандидати за членство во ЕУ, посочи дека секоја земја-кандидатка може да се придружи на групата земји што брзо напредуваат и оти Унијата ги охрабрува сите кандидати да го направат тој избор. 

-Комисијата предлага нов модел на постепена интеграција. Сакаме повеќе Европа пред членството за нашите кандидати. Ова носи јасни придобивки за земјите-кандидатки и земјите-членки на ЕУ и служи на заедничките стратешки приоритети – вели Кос. 

Таа посочи дека 26-от извештај за проширување поставува кохерентен, стратешки и предвидлив пристап кон постепената интеграција што го надополнува и го зајакнува процесот на пристапување. 

– Во првиот квартал од следната година, ова е новитет, ќе започнеме дијалози за постепена интеграција со земјите-кандидати за да ги разгледаме постојните мерки и да истражиме понатамошни можности за интеграција – рече Кос. 

Таа посочи дека третиот новитет е фокусот на меѓусебно поврзаната природа на европската безбедност. 

– Иако е познат фактот дека со процесот на проширување обезбедуваме мир, слобода, безбедност и просперитет во Европа, случувањата во земјите-кандидати имаат директни последици за нашата безбедност. Дезинформациите, кибер-нападите и организираниот криминал влијаат на сите нас. Украина, особено, демонстрира извонредна отпорност во лицето на руската воена агресија. Нејзиното искуство и соработката со ЕУ придонесуваат за зајакнување на сопствената безбедносна и одбранбена подготвеност на Европа – посочи Кос.

Еврокомесарката оцени дека интегрирањето на земјите-кандидатки во безбедносните структури на ЕУ значи подобра размена на информации и поголема координација на активностите. 

– Добиваме поголема контрола врз миграцијата и организираниот криминал и го зајакнуваме капацитетот на Европа да издржи надворешни притисоци, а тоа ја зајакнува Европа како целина. Денешниот пакет за проширување доаѓа еден месец откако Комисијата ги презентираше прегледите на политиките пред проширувањето, вклучително и комуникацијата за подготовка за поширока унија. Минатиот месец, нашата проценка покажа дека проширувањето е можно, но има области каде што гледаме предизвици на кои треба да се обратиме – истакна еврокомесарката.