
Двојно убиство ја потресе Албанија, откако двајца членови на исто семејство, чичко и внук, беа убиени во вооружен напад во областа Фиер. Полицијата трага по сторителите, а истражителите ја испитуваат можноста злосторството да е поврзано со претходни криминални пресметки.
Според информациите на албанските медиуми, во нападот бил убиен Селами Хасани, познат под прекарот „Сел Чами“, додека неговиот 47-годишен внук Јакуп Хасани им подлегнал на тешките повреди во болница.
По двојното убиство, полицијата започнала интензивна потрага по осомничените. Во селото Дерменас било пронајдено запалено возило за кое постои сомнение дека е поврзано со злосторството.
Особено внимание во албанската јавност предизвика информацијата дека Селами Хасани бил ослободен од затвор само една недела пред да биде убиен.
Тој претходно бил осуден на 25 години затвор за убиството на Јулијан Исуафај, внук на Арбен Исуафај, кој, според албанските медиуми, важел за една од влијателните фигури во криминалното подземје во Фиер.
Според медиумските извештаи, Хасани поминал 11 години зад решетки пред да биде ослободен.
Една од верзиите што ги разгледуваат истражителите е дека мотивот за двојното убиство би можел да биде одмазда или продолжение на претходни пресметки меѓу ривалски криминални групи.
Засега нема официјална потврда за мотивот на нападот, ниту информации за идентитетот на сторителите. Истрагата е во тек.


