Skip to main content
Хроника

Сопствениците на пуштените крави осомничени дека тешко повредиле 67-годишна жена

24/11/2026  16:53

Татко и неговите две ќерки од кривопаланечкото село Жидилово заработија кривична пријава поради сомнение дека физички нападнале 67-годишна жена од селото Дрење и ѝ нанеле тешки телесни повреди.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, нападот се случил на 21 ноември 2026 година, околу 9 часот, во селото Дрење.

Додека 67-годишната жена го напасувала својот крупен добиток, тројцата пријавени започнале вербална расправија со неа, по што физички ја нападнале и ѝ нанеле тешки телесни повреди.

Повредената жена била прегледана во Здравствениот дом во Крива Паланка, каде што ѝ биле констатирани тешките телесни повреди.

Според информациите поврзани со случајот, пријавените се сопственици на кравите кои подолг период неконтролирано се движат низ Крива Паланка и предизвикуваат незадоволство кај локалното население.

Проблемот со слободното движење на добитокот со години предизвикува реакции кај граѓаните, кои бараат трајно решение од надлежните институции.