
Итната медицинска помош во Скопје ќе се одвои од Здравствениот дом и ќе функционира како самостоен центар, а повиците и интервенциите ќе се координираат преку национален диспечерски систем. Ова се дел од промените што ги најави министерот за здравство Сашо Клековски за подобрување на работата на службата.
Според неговите најави, реформата треба да опфати организациски промени, обновување на возниот парк и решавање на недостигот од кадар. Клековски соопшти дека се набавени 100 нови возила, со кои во земјата би имало вкупно 200 функционални возила за Итната помош.
Националниот диспечерски центар треба да овозможи евиденција на секој повик, донесената одлука и реакцијата на најблиската екипа. Предвидено е и воведување единствени национални стандарди за тријажа, односно процена на итноста на состојбата на пациентите, кои ќе важат во целата држава.
Клековски посочи дека најголем предизвик останува кадарот. До 2030 година повеќе од 300 вработени во Итната медицинска помош ќе заминат во пензија. Поради тоа, се разговара со Медицинскиот факултет за воведување на професијата парамедик, а се подготвуваат и законски измени.
Меѓу отворените прашања се бројот на екипи по смена, особено во Скопје, како и начинот на пренесување пациенти од нивните домови кога нема кој да им помогне на медицинските тимови.
Министерот порача дека успехот на промените ќе се мери преку времето што граѓаните го чекаат од повикот на 194 до пристигнувањето на екипата.

