
„Мајкрософт“ прогласи највисок степен на внатрешна итност, наречен „Code Red“, за да го промени начинот на спречување и решавање големи технички дефекти. Одлуката следува по прекинот на услугите на 12 и 13 ноември, кој траеше повеќе од 24 часа и погоди корисници низ светот, објави Ројтерс врз основа на интерни дописи.
Проблемите ги зафатија Outlook, Teams, Copilot, Exchange Online и други услуги од пакетот Microsoft 365. Беше нарушена работата на државни институции, финансиски компании и авиопревозници.
Причината, според компанијата, била програмска грешка воведена уште во јули, која со месеци останала неоткриена. Под големо оптоварување, погодените системи престанале да одговараат на барањата на корисниците. „Мајкрософт“ ја отфрлил можноста инцидентот да бил предизвикан од сајбернапад или од вештачка интелигенција, а извршниот директор Сатја Надела јавно се извинил.
Интерната анализа открила и проблеми во координацијата. Инженерите размениле повеќе од 11.000 пораки во 11 разговори на Teams, додека податоците потребни за откривање на дефектот биле расфрлани низ различни системи. Тоа го отежнало следењето на проверките и донесените одлуки.
Новиот план предвидува подобро управување со оптоварувањето, раздвојување на сообраќајот по географски региони и побрзо обновување на услугите. Целта е идните глобални прекини да се решаваат во рок од еден час. Компанијата планира и употреба на ВИ-агенти што би им помагале на инженерите побрзо да ги анализираат податоците за состојбата на системите.
Посебен предизвик останува брзината на воведување итни поправки. Во еден неодамнешен случај биле потребни пет до шест дена за поправката да стигне до сите региони. За најитните безбедносни проблеми, „Мајкрософт“ сака тој процес да го скрати на еден час.
Раководството ќе ја следи реализацијата на мерките преку секојдневни состаноци и неделни проверки.


