Skip to main content
Македонија

Јаневска: Со двојно зголемен буџет во период од две години, значително ја раздвиживме науката во Македонија

15/10/2026  16:26

Во Скопје денес започна четвртиот IV Интернационален медицински конгрес во организација на Факултетското студентско собрание при Медицинскиот факултет на УКИМ. На отворањето на собирот се обрати и министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која рече дека во високото образование, науката и истражувањата, многу се важни меѓународните вмрежувања и мобилноста и дека тоа е единствениот начин за размена на искуства и добри практики со глобалниот свет, но и за заеднички проекти.

Министерката посочи и дека е посебно задоволна од зајакнатата соработка со Здружениот истражувачки центар на Европската комисија, кој ги отвори вратите на своите лаборатории за македонскиот научен и истражувачки кадар, а воедно Центарот помогна под негово покровителство во Македонија минатиот месец да биде организирана и првата летна научна школа за земјите од Западен Балкан.

„Ќе споменам и дека изготвивме целосно нова законска рамка за наука и високо образование. Пакетот од три закони е во собраниска процедура и очекувам до крајот на годината да биде усвоен, за повеќе и подобри можности за нашите професори, научници, истражувачи. Повеќе можности и за наставно – научниот и истражувачки подмладок. Најдобрите студенти одликувани со инженерски прстен или друго признание за успех, добиваат предност при вработување на факултетите“, нагласи Јаневска.

Посакувајќи успешен конгрес, министерката им порача на професорите и студентите да продолжат да придонесуваат кон образованието и развојот на научната мисла во областа на медицината, а со тоа да помогнат и во заложбите за подобрување на здравствениот систем и здравјето на граѓаните.