Skip to main content
Македонија

Јаневска: Годинава има околу 1.500 првачиња помалку од лани

22/09/2026  20:21

Бројот на првачиња кои годинава недостигаат во споредба со минатата година е намален на околу 1.500, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Според Јаневска, најновите податоци покажуваат значително поинаква состојба од онаа регистрирана пред околу месец и половина. Тогаш, според податоците внесени во електронскиот дневник, недостасувале околу 4.900 првачиња во споредба со претходната година.

„За среќа, бројката драстично се намали во последниот месец и половина“, изјави Јаневска.

Таа објасни дека една од причините за првично големата разлика е тоа што дел од запишувањата не биле навремено внесени во електронскиот дневник, иако училиштата имаат обврска редовно да ги ажурираат податоците.

Според министерката, искуството од претходните години покажува и дека процесот на запишување на првачињата не завршува пред почетокот на учебната година. Дел од децата се запишуваат кон крајот на август, а уписите продолжуваат и во текот на септември.

„До крајот на септември се запишуваат, што е лоша навика, но и тоа ќе се обидеме да го поправиме“, рече Јаневска.

Со дополнителните уписи и ажурирањето на податоците во електронскиот дневник, првично регистрираната разлика од околу 4.900 првачиња сега е намалена на околу 1.500.

Јаневска посочи дека при споредувањето на бројот на ученици треба да се земат предвид и демографските податоци. Според неа, во 2020 година биле родени околу 800 деца помалку во однос на претходната година.

„Не е добро што бројката е намалена, но не е толку голема како што изгледаше пред месец и половина“, изјави министерката.

Таа се осврна и на можноста бројот на ученици дополнително да се намалува во текот на учебната година поради иселување на семејства од земјата. Јаневска изрази надеж дека оваа учебна година состојбата ќе биде подобра во споредба со претходните години.