
Сè поголем број млади луѓе ја препознаваат можноста за побрзо вработување преку средното стручно образование, а дури 75 отсто од учениците кои годинава го завршиле деветтото одделение избрале да го продолжат образованието во стручните училишта, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во гостувањето на 4ТВ.
Според податоците што ги изнесе министерката, останатите ученици се определиле за гимназиско образование, што, според неа, покажува дека интересот за стручното образование е голем.
Како еден од клучните фактори за ваквиот интерес, Јаневска го посочи концептот на дуално образование, кој им овозможува на средношколците теоретското знаење да го надополнуваат со практична работа директно во компаниите.
Учениците во дуалните паралелки значаен дел од наставата го поминуваат на практична обука во приватниот сектор. На тој начин, уште во текот на средното образование тие имаат можност да се запознаат со реалната работна средина, да стекнат практични вештини и искуство и да воспостават контакт со потенцијалните идни работодавачи.
„Учениците кои посетуваат дуални паралелки минуваат значаен дел од наставата на практика во приватниот сектор, каде што најчесто и се вработуваат веднаш по завршувањето на училиштето. Секако, дел од овие ученици подоцна продолжуваат на факултет, што е сосема природно, но значаен дел веднаш и успешно влегуваат на пазарот на трудот“, нагласи Јаневска.
Според министерката, стручното образование на учениците им остава повеќе можности по завршувањето на средното училиште. Дел од нив можат веднаш да се вклучат на пазарот на трудот користејќи ги стекнатите практични знаења, додека други можат да го продолжат образованието на факултет.

Големиот процент на деветтоодделенци кои се определиле за стручно образование, според изнесените податоци, покажува дека овој модел станува сè попривлечен за младите, особено поради директната поврзаност на образованието со практичната работа и можноста за вработување по завршувањето на училиштето.

