Skip to main content
Македонија

Јакимовски откри како Радио Скопје го направило „опасен“ говорник

12/05/2026  20:27

Екс-градоначалникот на Општина Карпош Стевче Јакимовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ отворено зборуваше за својот професионален пат и откри помалку познати детали од својата новинарска кариера во Радио Скопје, која, како што вели, одиграла клучна улога во градењето на неговите комуникациски и политички способности.

Иако јавноста најмногу го препознава како политичар, Јакимовски се наврати на почетоците во спортската редакција на Радио Скопје, каде работел под менторство на легендарниот уредник Аце Стиков.

Според него, токму таму ги научил најважните лекции за јавно говорење и комуникација.

„Најмногу ми помогна вежбањето. Стиков не тераше додека се возиме во автобус или одиме пешки, во себе да го коментираме сè она што го гледаме околу нас. Така се вежба мозокот – во исто време и да мислиш и да зборуваш. Тоа е исклучително тешко“, изјави Јакимовски.

Тој призна дека во почетоците се соочувал со трема и јазични бариери, но дека работата во Радио Скопје му помогнала во, како што рече, „дополнително описменување“, што денес му користи и во пишувањето колумни и во настапите пред јавноста.

Јакимовски откри дека подоцна продолжил да работи во информативно-политичката програма, каде негови уредници биле Ангелко Степановски и познатиот новинар Ацо Чомовски.

Сепак, неговата кариера добила нов правец кога добил понуда да стане дел од претседателството на младината на Југославија.

„Тоа беше голем предизвик и така практично влегов во политичките води“, рече тој.

Во текот на разговорот беше отворена и темата за актуелното раководство на Општина Карпош. Водителот посочи дека направиле обид да стапат во контакт со актуелниот градоначалник за соочување во емисијата, но безуспешно.

Јакимовски додаде дека и самиот слуша бројни поплаки од новинари за, како што рече, затвореноста на актуелното раководство на општината.

„Имам поплака од многу новинари дека во изминативе шест месеци никој не може да дојде во контакт со него“, изјави Јакимовски, коментирајќи ја транспарентноста на функционерите.