Skip to main content
Економија

Инвестициски циклус низ Македонија: 1.200 проекти во 80 општини

02/09/2026  12:52

Инвестициите во локалната инфраструктура се интензивираат низ општините во земјава, каде со финансиска поддршка од Владата се реализираат околу 1.200 проекти. Станува збор за капитални вложувања во патишта, водоводи и канализации, училишта, спортски и културни објекти, животната средина и комуналната инфраструктура.

Средствата се обезбедени преку два јавни повици за капитални проекти, финансирани со средства од унгарскиот кредит. Целта е преку директна поддршка на општините да се забрза реализацијата на проекти кои со години се дел од локалните потреби, но за кои недостигот од финансиски средства често претставува ограничување.

Најголем дел од проектите се во секторот транспорт и врски. Таму се реализираат 814 проекти со вкупна вредност од над 11 милијарди денари. Од нив, 382 се целосно завршени, додека 432 се во напредна фаза на реализација. Инвестициите главно се однесуваат на подобрување и реконструкција на локалната патна инфраструктура и комуналната поврзаност.

Значаен инвестициски циклус се реализира и во животната средина, каде се опфатени 183 проекти вредни над три милијарди денари. Досега се завршени 45, а 138 се во реализација. Станува збор за проекти насочени кон решавање на комунални и еколошки проблеми кои директно влијаат врз секојдневниот живот на населението.

Во образованието се одобрени 55 проекти, со инвестиции во нови и реконструирани училишни објекти, спортски сали и терени. Седум проекти се завршени, додека 48 се во реализација. Дополнително, во спортот се реализираат 36 проекти во вредност од близу 770 милиони денари, а во културата се одобрени 18 проекти вредни над 822 милиони денари. За социјалната политика се реализираат уште 10 проекти со вредност од над 771 милион денари.

Финансиската поддршка опфаќа вкупно 80 општини, што укажува на широк географски опфат на инвестицискиот циклус. Разликите во потребите на општините се одразуваат и во видот и бројот на проектите од патна и комунална инфраструктура, до училишта, градинки, спортски терени и објекти од културата.

Во Гази Баба и Прилеп, на пример, вкупната поддршка преку двата јавни повици достигнува 12 милиони евра, додека за Велес се обезбедени девет милиони евра. Во Неготино се финансираат 12 проекти со поддршка од над четири милиони евра. Опфатени се и Дебар со 26 проекти, Битола со 81, Струмица со 13 и Крива Паланка со пет проекти.

Ефектот од овие инвестиции не се мери само преку бројот на одобрени проекти или вложените средства. Зад реконструиран пат стои подобра локална поврзаност, зад обновено училиште подобри услови за учениците, а зад инвестициите во водоводот, канализацијата и животната средина решавање на инфраструктурни проблеми што директно го засегаат населението